Online Bible

- Reklamy -

Јаков 3 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Грешен јазик. Премудроста одозгора.

1 Не барајте, браќа мои, мнозина да станувате учители, знаејќи дека поголемо осудување ќе добиеме,

2 оти сите ние многу грешиме. Но оној, кој во зборови не греши, тој е совршен човек, силен да го обузда и целото тело.

3 Ете, и на коњите им клаваме узда, за да ни се покоруваат, и да управуваме со целото нивно тело.

4 Па, ете, и лаѓите, иако се толку големи и силно гонети од бурни ветрови, со мала крмичка се управуваат онаму каде што кормиларот сака;

5 а така и јазикот е мал орган, но големи работи зборува. Ете, мал оган, а колку голема гора запалува;

6 и јазикот е оган, свет полн со неправда; јазикот се наоѓа во таква положба меѓу нашите органи, што го осквернува целото тело и го пали времето на нашиот живот, воспалувајќи се сам од пеколот.

7 Зашто секаков вид ѕверови и птици, лазачи и риби, се скротува и се припитомува од човечкиот род,

8 а јазикот никој не може да го скроти: тој е немирно зло и полн со смртоносен отров.

9 Со него Го благословуваме Бога и Отецот, со него ги колнеме луѓето, создадени според подобието Божјо.

10 Од истата уста излегува и благословот и клетвата. Не треба, браќа мои, тоа така да биде.

11 А тече ли од еден ист извор слатка и горчлива вода?

12 Може ли, браќа мои, смоквата да раѓа маслинки, или лозата смокви? Така, од еден ист извор не може да тече солена и слатка вода.

13 Кој е меѓу вас мудар и умен, нека ги покаже преку своето добро однесување делата свои во кротост и мудрост.

14 Но, ако во срцата свои имате горчлива завист и карање, не фалете се и не лажете против вистината:

15 тоа не е мудрост, која доаѓа одозгора, туку земна, душевна, бесовска;

16 оти, каде што има завист и карање, таму има неслога и сѐ е лошо.

17 А мудроста, што иде одозгора, е најнапред чиста, а потоа мирна, кротка, покорна, полна со милост и нелицемерна.

18 Плодот, пак, на правдата во мир се сее од миротворците.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy