Исход 7 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Мојсеј и Арон прават чудеса пред Фараонот. Претворање вода во крв. 1 И Господ му рече на Мојсеја, велејќи: »Ете, Јас те поставив да му бидеш Бог на Фараонот; а Арон, братот твој, ќе ти биде пророк твој. 2 Ти ќе му зборуваш сѐ, што тебе ќе ти заповедам, а Арон, пак, братот твој, ќе му зборува на Фараонот да ти ги пушти синовите Израилеви ос земјата своја. 3 Само Јас ќе го ожесточам срцето на Фараонот, и ќе ги умножам знаците Мои и чудесата Мои во земјата Египетска. 4 Фараонот сепак нема да ве послуша. Но Јас ќе ја ставам раката Своја над Египет и со силата Моја ќе го изведам народот Мој, синовите Израилеви, од земјата египетска со страшна одмазда. 5 И ќе познаат сите Египтјани дека Јас сум Господ, кога ја протегам раката Своја над Египет и кога ќе ги изведа синовите Израилеви од нивната средина.« 6 И направија така Мојсеј и Арон; како што им заповеда Господ, така направија. 7 Мојсеј имаше осумдесет години, а Арон, братот негов осумдесет и три години кога зборуваа со Фараонот. 8 Им рече Господ на Мојсеја и на Арона, велејќи: 9 »А ако Фараонот ви каже и рече: ‚Направете некакво чудо или дајте знак‘ – тогаш кажи му на Арона, братот твој: ‚Земи го стапот и фрли го наземи пред Фараонот и неговите слуги‘ – тој ќе стане змија.« 10 Потоа Мојсеј и Арон влегоа кај Фараонот и слугите негови и направија така, како што им заповеда Господ. И го фрли Арон стапот свој пред Фараонот и пред слугите негови, и тој стана змија. 11 Тогаш Фараонот ги повика мудреците египетски и врачевите; и тие направија исто со своето вражање. 12 И секој од нив го фрли својот стап и тие станаа змии; само стапот Аронов ги проголта нивните стапови. 13 Но срцето Фараоново се стврдна и не ги послуша нив, како што им беше рекол Господ. 14 И му рече Господ на Мојсеја: »Кораво е срцето Фараоново; и нема да го пушти народот. 15 Појди утре при Фараонот. И ете, тој ќе излезе до водата, и пресретни го на речниот брег; стапот, пак, што се претвори во змија, земи го во раката своја. 16 И речи му: ‚Господ, Бог на Евреите, ме испрати кај тебе да ти кажам: »Пушти го народот Мој за да ми изврши служба во пустињата!« Ни ти, ете, досега не Го послуша. 17 Затоа Господ вели: »По ова ќе познаеш, дека Јас сум Господ.« Еве, со стапов, што ми е во раката, ќе удрам по водата, која е во реката, и таа ќе стане крв. 18 И рибите што се во реката ќе изумрат, и реката ќе се смириса, а Египтјаните не ќе можат да пијат вода од реката.‘« 19 Му рече Господ на Мојсеја – »Кажи му на Арона братот твој: ‚Земи го стапот свој во раката твоја, и пружи ја раката своја над водите египетски: над реките нивни, и над езерата нивни и над сите нивни собиралишта на води; и тие ќе се претворат во крв. И сѐ ќе стане крв по целата земја египетска, и по дрвјата и по камењата.‘« 20 Направија Мојсеј и Арон така, како што заповеда Господ. И го зеде Арон стапот свој, па удри по речнате вода пред очите на Фараонот и слугите негови. И сета вода речна се претвори во крв. 21 И изумреа рибите, што беа во реката, и се смириса реката, така што Египтјаните не можеа да пијат вода од реката; и крв имаше по целата земја египетска. 22 Но и врачевите египетски го направија истото со своето вражање. И срцето на Фараонот се ожесточи и тој не ги послуша нив, како што им беше рекол Господ. 23 Потоа се сврте Фараонот и се отиде во домот свој; и ни од тоа не се поучи тој. 24 А Египтјаните, сите, почнаа да копаат околу реката, барајќи вода за пиење; зашто не можеа да пијат вода од реката. 25 И така изминаа седум дена, откако ја удри Господ реката. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society