Online Bible

- Reklamy -

Исход 39 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Одежди за свештениците и украси. Мојсеј го благословува завршеното дело.

1 А од ткаенина сина, црвена и темноцрвена направија одежди за служба во светилиштето; му направија и свештени одежди на Арона, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.

2 Направија ефод од злато, од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и од ткаен висон;

3 извлекоа листови од злато, и исекоа жици, за да ги вткаат вешто во ткаенината сина, црвена и темноцрвена и во висоновите нишки;

4 му направија и нараменици што се врзуваат: тие се врзуваат со него на двата негови краја.

5 И појасот на ефодот, од неговата горна страна, беше ист како и тој: од злато, од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и од вткаен висон, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.

6 И изрезаа и камења смарагдови, и ги обрабија со злато, и ги впишаа на нив имињата на синовите Израилеви, како што се прават печати;

7 па ги ставија на нарамениците од ефодот, за спомен на синовите Израилеви, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.

8 Направија и наградник, вешто изработен, од иста метерија како и ефодот: од злато, од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и од ткаен висон;

9 наградник направија: четириаголен, двоен, педа долг, и педа широк, двоен.

10 И наредија на него четири реда камења: во првиот ред: сард, топаз и смарагд;

11 во вториот ред: антракс, сафир и јаспис;

12 во третиот ред: лигур, ахат и аметист;

13 во четвртиот ред: хрисолит, вирил и оникс; и тие беа опковани и обвиени во злато.

14 Камењата беа според бројот на имињата на синовите Израилеви: тие беа дванаесет, според бројот на нивните имиња, и на секој од нив беше изрежано како печат по едно име, за дванаесетте племиња.

15 И направија за наградникот веришки вити, плетени од чисто злато;

16 направија и две копченца златни и две алчиња златни, и ги ставија двете алчиња на двата краја од наградникот;

17 па ги закачија двете златни веришки за двете алчиња на краевите од наградникот,

18 а другите два краја од двете веришки ги закачија за двете копченца и ги прицврстија на нарамениците од ефодот од предната страна.

19 Направија уште две златни алчиња, и ги ставија на двата краја од наградникот, на внатрешниот раб, свртен спрема ефодот:

20 направија уште две златни алчиња, ги ставија на двата нарамника од ефодот, на неговиот преден крај одоздола, каде што се составува ефодот над појасот;

21 и така го врзаа наградникот со алчињата негови за алчињата од ефодот со врвка сина, плетена, за да стои одозгора над појасот од ефодот и да не се одделува наградникот од ефодот, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.

22 а за ефодот направија и наметка, од сина ткаенина,

23 и прорез по средината на наметката како отвор, околу прорезот ширит шиен, за да не се реси.

24 По полите на подметката одоздола направија врвци од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и висон ткаен.

25 А направија и ѕвончиња од чисто злато, и ги закачија ѕвончињата на полите од наметката наоколу меѓу прачките:

26 ѕвонче и јаболкце, ѕвонче и јаболкце наоколу по полите на наметката, за служба, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.

27 Потоа направија хитони од ткаен висон за Арона и за синовите негови;

28 и кидар од висон и митра од висон, и долна облека од ткаен висон,

29 и појас за нив од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и од ткаен висон, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.

30 И направија плочка, знак на светоста, од чисто злато, издлабија на неа писмо, како што се реже печат »Светост Господова«.

31 И врзаа за неа сина врвка, за да се врзува на кидарот одозгора, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.

32 И така се сврши целата работа околу скинијата, скинијата на сведоштвото. И направија синовите Израилеви сѐ како што му беше заповедал Господ на Мојсеја, така направија.

33 И ја донесоа при Мојсеја скинијата, покривката и сите нејзини работи, кукичките, диреците, лостовите, столбовите и подножјата.

34 И покривката од кожи овнешки, црвени, и покривката од кожи фини и завесата за засолнување,

35 ковчегот на откровението со лостовите, и очистилиштето,

36 трпезата со сите нејзини принадлежности, и лебови за предложение,

37 свеќникот од чисто злато со неговите кандилца, кандилцата веќе наредени, и сите потреби негови, и елеј за светење,

38 жртвеникот златен, и елеј за помазание, кадиво мирисно, и завесата за влезот во скинијата,

39 жртвеникот од бакар и решетката од бакар за него, лостовите негови и сите принадлежности негови, мијалникот и подножјето негово,

40 завесите за дворот, столбовите за нив и подножјата нивни, и завесата за влезот во дворот, јажињата негови и колчињата негови, и сите потреби за служба во скинијата на сведоштвото;

41 одеждите богослужбени за служење во светилиштето, одеждите свети за свештеникот Арона и одеждите за синовите негови, за свештеничка служба.

42 Како што му беше заповедал Господ на Мојсеја, така ги направија синовите Израилеви сите тие работи.

43 И ги погледа Мојсеј сите тие работи, и ете, тие ги беа направиле: како што беше заповедал Господ, така ги беа направиле. И ги благослови Мојсеј.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy