Исход 38 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Дворот и неговите работи. Колку злато, сребро и бакар. 1 И направи од дрвото ситим жртвеник за жртви сепаленици; пет лакти долг и пет лакти широк, четириаголен, три лакти висок, и ги опкова со бакар; 2 а направи и рогови на неговите четири агли, така што роговите да излегуваат од него, и го опкова со бакар. 3 И ги направи сите садови за жртвеникот: котлиња, кадилниците, чашките и вилушките, и клештите; сите потреби му ги направи од бакар. 4 а на жртвеникот му направи решетка од бакар како мрежа на дното, од дното па до средината наоколу; 5 и излеа четири алки за четирите агли на решетката од бакар, за да се провлечат низ нив лостови за носење. 6 А лостовите ги направи од дрвото ситим и ги опкова со бакар. 7 Па ги провлече лостовите низ алките од обете страни на жртвеникот, за да може да се носи; од штици го направи, празен одвнатре. 8 Направи и мијалник од бакар и подножје од бакар со убави шарки, кои го красеа влезот на скинијата на сведоштвото. 9 И двор направи од јужната страна, а завесите му беа од ткаен висон, по сто лакти долги; 10 дваесет столбови за нив, и дваесет подножја под нив од бакар; а кукичките за столбовите и лостовите беа од сребро. 11 Така и од северната страна, сто на сто лакти; столбови за нив дваесет и подножја под нив од бакар дваесет; а и кукичките за столбовите и лостовите нивни од сребро. 12 А од западната страна завеси од педесет лакти: десет столбови за нив, и подножја – десет; кукичките за столбовите и лостовите нивни од сребро; 13 и од источната страна, завеси од педесет лакти. 14 За западната страна на вратата завеси од петнаесет лакти, три столбови за нив и три подножја под нив; 15 и за другата задна страна (отаде и одовде на вратата однадвор) завеси од петнаесет лакти, три столба за нив, и подножја под нив – три. 16 Сите завеси на дворот наоколу беа од ткаен висон. 17 а подножјата од столбовите – од бакар, кукичките за столбовите и лостовите на нив – од сребро; и врвовите нивни беа со сребро обложени; и сите столбови на дворот беа со сребро поврзани. 18 А завесата на вратата од дворот – везена – од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и од ткаен висон, долга дваесет лакти, а во висина по ширината пет лакти, како и другите завеси во дворот; 19 и четири столба за нив, и четири подножја под нив од бакар; кукичките им беа од сребро, а врвовите нивни посребрени. 20 Сите колчиња околу скинијата и дворот беа од бакар. 21 Ете, тоа се изработките за скинијата на сведоштвото, направени по заповедта на Мојсеја за левитите а под надзор на свештеникот Итамара, син на Арона. 22 А си она како што му заповеда Господ на Мојсеја, го направи Веселеил, син на Урија, синот Оров, од племето Јудино. 23 И со него Елијав, синот Ахисамахов, од племето Даново, резбар, вешт ткајач и везач на порфирна ткаенина сина, црвена и темноцрвена и на ткаен висон. 24 Сето злато, што беше употребено за сите потреби на светилиштето, злато, принесено на дар, беше дваесет и девет таланти и седумстотини и триесет сикли, свештени сикли; 25 а среброто преброено од дародавците – сто таланти и илјада седумстотини седумдесет и пет сикли, свештени сикли. 26 По половина сикла од човек, пресметано според свештената сикла, од секој што доаѓа на пребројување, од дваесет години и нагоре, од шестотини и три илјади и петстотини и педесет души. 27 Сто таланти сребро беа употребени за лиење на подножјата за светилиштето и подножјата за завесите; сто подножја од сто таланти, по талант на подножје; 28 а од илјада и седумстотини и седумдесет и петте сикли тој направи кукички за столбовите и опков за врвовите нивни, а направи и лостови за нив. 29 А од принесениот дар во бакар имаше седумдесет таланти, и две илјади и четиристотини сикли; 30 и од него ги направи тој подножјата за влезот во скинијата на сведоштвото, и жртвеникот од бакар како и решетката од бакар за него, и сите садови за жртвеникот; 31 подножјата за целиот двор наоколу, подножјата за вратата на дворот, и сите колчиња за скинијата и сите колчиња за дворот наоколу. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society