Исход 31 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Повикување на Веселеил и Елијав. Празнување сабота. Плочи на законот. 1 И му рече Господ на Мојсеја велејќи: 2 »Ете, го определив по име Веселеил, син на Уриј, синот Оров, од племето Јудино; 3 и го исполнив преку Духот Божји, Кој му даде умешност, како и знаење да разбира од секакви работи, 4 да гради, да изработува со злато, сребро и бакар; и сина и црвена и темноцрвена волна – ткаени изработки и висон ткаен; 5 да реже камења, да прави дрвени изработки, за секакви потреби. 6 И, ете, го дадов Елијав, синот на Ахисамах, од племето Даново; и на сите способни луѓе им дадов разум да се потврдат да направат си како што ти заповедав: 7 Скинијата на сведоштвото, и ковчегот на заветот, и очистилиштето над него, и сите работи во скинијата и жртвеникот и трпезата со нејзините садови; 8 и трпезата, и светилникот од чисто злато со сите принадлежности негови, и кадилниот жртвеник; 9 жртвеникот за жртви сепаленици со сите потреби негови, и мијалникот и подножјето негово; 10 и одеждите на Арона за служење и одеждите на синовите Аронови, со кои ќе ми свештенодејствуваат; 11 елејот за помазание, и кадивото благопријатно свет состав за светилиштето – си нека направат така, како што ти заповедав.« 12 И пак му рече Господ на Мојсеја, велејќи: 13 »Кажи, заповедај им на синовите Израилеви: пазете ги саботите Мои, зашто тоа е знак меѓу Мене и вас од колено до колено, за да знаете дека Јас сум Господ, Кој ве осветува. 14 Пазете ја, пак, саботата, оти таа е света за Господа и за вас. Кој ќе ја оскверни, да се погуби; бидејќи секој, кој ќе врши некаква работа во тој ден, таа душа нека се истреби од народот свој. 15 Шест дена нека се работи; а седмиот ден е сабота, одмор, свет на Господа; секој, кој ќе работи во саботен ден, нека се предаде на смрт. 16 Затоа синовите Израилеви нека ги пазат саботите, празнувајќи ги во родовите свои. 17 Тоа е знак меѓу Мене и синовите Израилеви довека; зашто во шест дена ги создаде Господ небото и земјата, а во седмиот ден се отпочина и се одмори.« 18 И кога престана да зборува со Мојсеја на планината Синајска, му даде две плочи на сведоштвото, плочи камени, напошани со прст Божји. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society