Online Bible

- Reklamy -

Исход 2 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Мојсеевото раѓање, чудното одржување и одгледување. Неговото бегање и брак.

1 Еден човек од племето Левиево отиде и се ожени со една од ќерките Левиеви.

2 Жената зачна и роди машко дете; па кога виде дека е многу убаво, го криеше три месеци.

3 Но, кога не можеше повеќе да го крие, мајката зеде кошниче од трски; го облепи со смола и катран; и, откако го стави детето во него, го однесе во трската крај реката.

4 А сестрата негова застана подалеку, за да гледа што ќе стане со него.

5 Ќерката, пак, Фараонова слезе до реката, за да се капе, а и нејзините слугинки одеа покрај реката. И таа го забележа кошничето во трската, па испрати една од слугинките свои, да го донесе.

6 А кога го отвори, виде дете; и тогаш детето заплака. Таа се смили над него и рече: »Ова е еврејско дете.«

7 Тогаш сестрата негова ѝ рече на ќерката Фараонова: »Сакаш ли да одам да викнам доилка Еврејка, да ти го дои детето?«

8 А ќерката Фараонова ѝ рече: »Оди!« И девојчето отиде, и ја викна мајката на детето.

9 Ќерката Фараонова ѝ рече: »Чувај го ова дете, и дој ми го; а јас ќе ти платам.« И го зеде жената детето и го доеше.

10 А кога детето порасна, го одведе кај ќерката Фараонова, и таа го посини. И му стави име Мојсеј, велејќи, »оти од вода го извадив.«

11 По многу време, кога Мојсеј стана возрасен, отиде меѓу браќата свои, синовите Израилеви, и ја виде маката нивна. И забележа како еден Египтјанин бие Евреин – еден од браќата негови.

12 Се обѕрна на сите страни, и, кога виде дека нема никој, го уби Египтјанинот и го закопа во песокта.

13 Утредента излезе пак и виде двајца мажи Евреи како се тепаат и му рече на оној, кој беше виновен: »Зошто го биеш ближниот свој?«

14 А тој одговори: »Кој те постави тебе за старешина и судија над нас? Да не сакаш и мене да ме убиеш, како што го уби Египтјанинот?« Тогаш Мојсеј се уплаши и рече: »Значи, се разбрало за ова?«

15 И Фараонот беше чул за ова, па сакаше да го погуби Мојсеја. Но Мојсеј избега од Фараонот и се насели во земјата Мадијамска. Кога дојде во земјата Мадијамска, седна крај еден извор.

16 А свештеникот Мадијамски, пак, имаше седум ќерки, кои ги пасеа овците на татка си Јотор. И тие дојдоа и почнаа да земаат вода додека не ги наполнија поилата, за да го напојат стадото на таткото свој Јотор.

17 Но дојдоа овчари, и ги истераа, а Мојсеј стана и ги одбрани, им налеа вода и им го напои стадото.

18 И тие се вратија кај таткото свој Јотор, а тој ги праша: »Како толку бргу се вративте денес?«

19 Тие одговорија: »Еден Египтјанин нѐ одбрани од овчарите, дури ни извади вода и ни ги напои овците наши.«

20 А тој им рече на ќерките свои: »Па, каде е? Зошто сте го оставиле така тој човек? Поканете го да јаде леб!«

21 И Мојсеј реши да живее кај тој човек, а тој му ја даде на Мојсеја за жена ќерката своја Сепфора.

22 И таа зачна и роди син, и Мојсеј му стави име Гирсам, »бидејќи сум – рече – придојден во туѓа земја.« И пак зачна и роди втор син, и му стави име Елиезер, велејќи: »Бог на мојот татко ми е Помошник и ме избави од рацете Фараонови.«

23 А по многу време умре царот египетски. А синовите Израилеви уште офкаа од маките и викаа; и пискотот нивни од тешките работи дојде до Бога.

24 И Бог го чу офкањето нивно, и се сети Бог на заветот Свој со Авраама, Исака и Јакова.

25 И погледна Бог на синовите Израилеви, и се смили над нив.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy