Евреите 5 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Христос е вистински Првосвештеник, поголем од Арона. 1 Зашто секој првосвештеник, кој од луѓе се избира, за луѓето се поставува на служба Божја, да принесува дарови и жртви за гревовите, 2 и да може да ги разбира оние, што се неумешни и заблудени, бидејќи и сам е со слабости; 3 и затоа е должен како за народот, така исто и за своите гревови да принесува жртви. 4 И никој сам не се здобива со таква чест, освен оној, кој е повикан од Бога, како и Арон. 5 Така и Христос не се прослави Сам Себеси, за да биде првосвештеник, туку Го прослави Оној, Кој Му рече: »Ти си Син Мој, Јас Те родив денес«; 6 како што е на друго место речено: »Ти си вечен свештеник по чинот Мелхиседеков.« 7 Во деновите на Својот земен живот, Он со силен вик и солзи упати молби и молитви кон Оној, Кој можеше да Го спаси од смртта, и, поради Својата побожност беше чуен, 8 макар и Син, Он се научи на послушност преку она, што пострада, 9 а, откако се усоврши, стана причина за вечно спасение на сите оние, кои Му се послушни, 10 и од Бога беше наречен Првосвештеник по чинот Мелхиседеков. 11 За ова би имале многу да ви зборуваме, што е и тешко да се толкува, бидејќи станавте немоќни за слушање. 12 Зашто, иако според годините вие требаше веќе да бидете учители, вие сѐ уште имате потреба да ве учат – кои се првите начела на словото Божјо, и дојдовте до таква состојба, што имате потреба од млеко, а не од тврда храна. 13 Секој, што се храни со млеко, не е опитен во словото на правдата, бидејќи е младенец; 14 а тврдата храна е за совршените, кои благодарејќи на навиката, имаат чувства и се научени да разликуваат добро и зло. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society