Online Bible

- Reklamy -

Евреите 2 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Должни сме зборот Христов да го слушаме. Христовиот пат води низ страдање кон слава.

1 Затоа треба да бидеме нарочно внимателни кон она, што го чувме, па да не би некако да отпаднеме.

2 Оти, ако реченото слово преку ангелите се покажа верно, и ако секој престап и секоја непослушност прими праведна отплата,

3 како тогаш ќе избегнеме, ако занемариме такво големо спасение, кое, најнапред проповедано од Господа, се потврди од оние што го беа чуле од Него,

4 кога и Бог им го потврди сведоштвото со знаци и чудеса, со разни сили и со раздавање дарови на Светиот Дух по Своја волја.

5 Зашто Бог не на ангелите им ја покори идната вселена, за која што зборуваме,

6 туку, напротив – некој зборувајќи негде посведочи: »Што е човекот, та го помниш, или Син Човечки, та да го посетуваш?

7 Си го понизил нешто малку подолу од ангелите, но со слава и чест си го овенчал и си го поставил над делата од Твоите раце;

8 сѐ си покорил под нозете негови.« А кога сѐ му покори, ништо не му остави непокорено; но сега уште не гледаме дека му е сѐ покорено.

9 А гледаме дека Исус Христос, Кој беше нешто малку понизен од ангелите, поради претрпената смрт се увенча со слава и чест, та, по Божјата благодат, да вкуси смрт за сите.

10 Зашто Му прилегаше на Оној, поради Кого е сѐ и од Кого е сѐ, откако многу синови прослави, преку страдања да го усоврши Началникот на нивното спасение.

11 Бидејќи Оној, што осветува, и оние, што се осветуваат, сите се од Еден; и затоа не се срамува да ги нарече браќа, велејќи:

12 Ќе го возвестам името Твое меѓу браќата Мои, насред црква ќе Те воспеам.

13 И пак: »Јас ќе се надевам на Него«. И одново: »Ете Ме мене и децата Мои, што Ми ги даде Бог«.

14 А бидејќи децата се учесници во телото и крвта, тоа и Он зеде еднакво учество во тоа, та преку смртта да го победи оној, што ја има власта над смртта, односно ѓаволот;

15 и да ги избави оние што од страв пред смртта преку целиот живот беа подложени на ропство.

16 Оти, навистина, не од ангели прими природа, а од потомството на Авраама прими;

17 затоа должен беше во сѐ да личи на браќата, па да биде милостив и верен првосвештеник пред Бога, за да ги очисти гревовите народни.

18 Зашто во она, што Сам претрпе, откако беше искушан, во тоа ќе може и на искушуваните да им помогне.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy