Online Bible

- Reklamy -

Ефесјаните 5 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Одење по свет пат. Должности на сопружниците.

1 И така, угледајте се на Бога, како чеда возљубени,

2 и живејте во љубов, како што и Христос нѐ засака и Себеси за нас се предаде како принос и жртва на Бога за пријатен мирис.

3 А блудство и секаква нечистота или, пак, користољубивост дури да не се спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на светии,

4 ниту, пак, срамни и празни зборови или смешки, што се неприлични, туку само благодарности.

5 Зашто ова треба да го знаете, дека ниеден блудник, или нечист, или користољубец – кој е идолопоклоник, нема дел во царството на Христа и Бога.

6 Никој да не се мами со празни зборови; оти поради овие иде гневот Божји врз синовите на непокорноста;

7 и така, не станувајте нивни соучесници.

8 Вие некогаш бевте темнина, а сега сте светлина во Господа: живеете како деца на светлината!

9 Зашто плодот на Духот се состои во секое добро, правда и вистина, –

10 и испитувајте сѐ што Му е на Бога угодно!

11 Не учествувајте во бесплодните дела на темнината, туку изобличувајте ги!

12 Оти за она, што го прават нечестивите скришум, срамно е и да се зборува.

13 А сѐ, што е за изобличување, светлината го открива; бидејќи сѐ што е јавно, светлина е.

14 Затоа е речено: »Стани ти што спиеш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли!«

15 Па така, гледајте, колку внимателно треба да постапувате: не како неразумни, туку како мудри;

16 ползувајте го времето, зашто дните се лукави.

17 Затоа немојте да бидете нерасудливи, туку распознајте што е волјата Божја!

18 И не опивајте се со вино, од кое произлегува блуд, но исполнувајте се со Дух,

19 усовршувајќи се со псалми и славословија и духовни песни, пеејќи и воспевајќи Го Господа во срцата ваши;

20 благодарејќи Му секогаш за сѐ на Бога и Отецот, во името на нашиот Господ Исус Христос;

21 покорувајте му се еден на друг во страв Божји.

22 Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како на Господа,

23 зашто мажот е глава на жената, како што е Христос глава на Црквата, и Он е Спасител на телото.

24 Но, како што Црквата Му се покорува на Христа, така и жените да им се покоруваат на своите мажи во сѐ.

25 Вие, мажите, сакајте ги жените свои, како што и Христос ја засака Црквата и се предаде Себеси за неа,

26 за да ја освети, очистувајќи ја со водна бања преку словото;

27 та да ја претстави пред Себе како славна Црква, која нема осквернение, или порок, или нешто слично, туку да биде света и непорочна.

28 И така, мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела; оти, кој ја сака жената своја, тој се сака и самиот себеси.

29 Зашто никој никогаш не го намразил телото свое, туку го храни и го стоплува, како и Господ Црквата,

30 бидејќи ние сме членови на Неговото тело – од Неговата плот и коските Негови.

31 Поради тоа човекот ќе го остави татка си и мајката своја, и ќе се придружи кон жената своја, та обајцата ќе бидат една плот.

32 Оваа тајна е голема. Но јас ви зборувам за Христа и за Црквата.

33 И така, секој од вас да си ја сака жената своја, како што се сака самиот себе, а жената да се бои од мажот свој.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy