Броеви 31 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Победа над Мадијамците. 1 И му рече Господ на Мојсеја велејќи: 2 »Одмазди им се на Мадијамците поради синовите Израилеви, и потоа ќе се прибереш при народот свој.« 3 И му рече Мојсеј на народот велејќи: »Вооружете меѓу вас луѓе за војна, за да тргнат против Мадијамците, да извршат одмазда Господова над нив; 4 испратете во војна по илјада од племе, од сите племиња на синовите Израилеви.« 5 И од илјадниците Израилеви беа одделени по илјада од секое племе, вкупно дванаесет илјади вооружени за војна. 6 И ги испрати Мојсеј во војна, по илјада од секое племе, нив и Финес, синот на свештеникот Елеазар, Аронов син, со светите сосуди и со труби за тревога в рака. 7 И отидоа во војна против Мадијам, како што му заповеда Господ на Мојсеја, и ги убија сите од машки пол; 8 а заедно со убиените од нив ги убија и мадијамските цареви; го убија со меч и Валаам, Веоровиот син заедно со нивните убиени. 9 Мадијамските, пак, жени и децата нивни синовите Израилеви ги зедоа во плен; и сиот нивни добиток, и сите стада нивни, и целиот имот нивни го заграбија; 10 сите градови нивни во нивно владение и сите села нивни со оган ги изгореа. 11 И го зедоа сето заграбено, од човек до добиток. 12 И заробените, и ограбеното и заграбеното му го донесоа на Мојсеј, пред свештеникот Елеазар и пред општеството на синовите Израилеви, при населбата во Аравот Моавски, кај Јордан, спроти Јерихон. 13 Тогаш Мојсеј и свештеникот Елеазар и сите кнезови на општеството излегоа надвор од населбата за да ги пречекаат. 14 И се разгневи Мојсеј на воените началници, илјадниците и стотниците, што се беа вратиле од војната, 15 па им рече: »Зошто ги оставивте живи сите жени? 16 ете тие, по советот на Валаама, беа станале причина синовите Израилеви да отстапат и да ги презрат наредбите од Господа, заради Фегор, затоа и дојде оној пораз врз народот Господов. 17 А сега, убијте ги сите деца од машки пол, убијте ги и сите жени, што познале маж на машко легло; 18 а сите деца од женски пол, кои не познаел машко легло, оставете ги живи за себеси. 19 И останете надвор од населбата седум дена; сите, што убиле човек и што се допреле до убиен, очистете се на третиот ден, вие и вашите заробеници; 20 очистете ја и сета облека, сите кожени предмети, си што е направено од козина, и сите дрвени садови.« 21 Потоа им рече свештеникот Елеазар на војниците, што беа отишле во војна: »Еве ги наредбите на законот, кои Господ му ги заповеда на Мојсеја: 22 злато, сребро, бакар, железо, калај и олово, 23 и си што минува низ оган, поминете го низ оган, за да се очисти, а освен тоа, тоа треба да се очисти и со очистителна вода; а си, што не минува низ оган, поминете го низ вода; 24 и облеката исперете ја на седмиот ден, и очистете се, и потоа влезете во населбата.« 25 И му рече Господ На Мојсеја, велејќи: 26 »Преброј го заграбеното, од човек до добиоток, ти и свештеникот Елеазар и началниците од племињата на општеството; 27 и раздели го ограбеното по половина, на оние што војуваа, што одеа во борба, и меѓу целото општество. 28 А од војниците, што беа во војна, земи данок за Господа, од душа петстотини, од луѓе и од говеда, и од овците и од ослите; 29 земи го тоа од нивната половина и дај му го на свештеникот Елеазар за вознесување пред Господа. 30 А од половината, определена за синовите Израилеви, земи по педесет на човек, од луѓето, од говедата, од овците и ослите, и од сите други животни, и дај им го тоа на левитите што служат при скинијата Господова.« 31 И направи Мојсеј и свештеникот Елеазар, како што му заповеда Господ на Мојсеја. 32 И пленот, што остана од грабежот, што го заграбија оние, кои беа отишле во војна, беше: овци шестотини седумдесет и пет илјади, 33 говеда седумдесет и две илјади, 34 осли шеесет и една илјада, 35 луѓе – жени, кои не познале машко легло, сите беа триесет и две илјади души. 36 Половината, делот на оние, што беа отишле да се борат, според пребројувањето, беше: овци триста триесет и седум илјади и петстотини, говеда триста и седум илјади и петстотини. 37 На Господа од овците Му се даде шестотини седумдесет и пет; 38 говеда триесет и шест илјади, и од тоа дар за Господа седумдесет и два; 39 осли триесет илјади и петстотини, а дел од нив за Господа шеесет и еден; 40 луѓе шеснаесет илјади, и данок од нив за Господа беше триесет и две души. 41 И му го даде Мојсеј дарот за вознесување пред Господа, на свештеникот Елеазар, како што му заповеда Господ на Мојсеја. 42 И од половината, определена за синовите Израилеви, што ја оддели Мојсеј од оние кои беа отишле во војната, – 43 а половината како дел на општеството беше: овци триста и триесет и седум илјади и петстотини, 44 говеда триесет и шест илјади, 45 осли триесет и пет илјади и петстотини, 46 луѓе шеснаесет илјади. 47 Од таа половина, определена за синовите Израилеви, Мојсеј зеде педесетти дел од луѓето и од добитокот и им го даде тоа на левитите, што служеа при скинијата Господова, како што му заповеда Господ на Мојсеја. 48 И дојдоа при Мојсеја начлниците над илјадите од војската, илјадниците од стотниците, 49 и му рекоа на Мојсеја: »Твоите слуги ги преброија војниците, што ни се доверени, и ниеден од нив не умрел. 50 Еве, Му донесовме принос на Господа кој што нашол – златни предмети, алки, гривни, прстења, обетки и веришки, за да се помолат за нас пред Господа.« 51 И го зеде од нив Мојсеј и свештеникот Елеазар златото од сите тие изработки. 52 И сето злато, донесено од илјадниците и стотниците за вознесување пред Господа, беше шеснаесети илјади и седумстотини и педесет сикли. 53 Војниците беа грабала секој за себеси. 54 И го зеде Мојсеј и свештеникот Елеазар, златото од илјадниците и стотниците и го внесоа во скинијата на сведоштвото за спомен на синовите Израилеви пред Господа. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society