Online Bible

- Reklamy -

Броеви 3 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Племето Ароново. Левитската служба. Откуп на првенците.

1 Ова е родословот Аронов и Мојсеев, во оној ден кога му говореше Господ на Мојсеја на планината Синај.

2 Еве ги имињата на синовите Аронови: првенецот Надав, Авуид, Елеазар и Итамар.

3 Тоа се имињата на Ароновите синови, помазани за свештеници, кои тој ги посвети за да свештенодејствуваат.

4 Но Надав и Авиуд умреа пред Господа, кога донесоа туѓ оган пред Господа во Синајската пустиња, а немаа деца; Елеазар, пак, и Итамар останаа како свештеници кај татка си Арона.

5 И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:

6 »Доведи го Левиевото племе и постави го при свештеникот Арона, за да му служат;

7 и нека тие бидат на стража за него и на стража за целото општество Израилево при скинијата на сведоштвото, за да се извршуваат службите при скинијата;

8 и да ги пазат сите сосуди во скинијата на сведоштвото и да бидат на стража за синовите Израилеви во врска со сите работи што се вршат околу скинијата.

9 И дај му ги левитите на Арон, братот твој, и на синовите негови свештениците: нека Ми бидат тие дадени како дар од синовите Израилеви.

10 А Арон и синовите негови постави ги над скинијата на сведоштвото, за да ја пазат свештеничката дожност и сѐ што е кај жртвеникот и зад завесата; а ако некој надворешен се доближи, да биде убиен.«

11 И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:

12 »Ете, Јас ги зедов левитите меѓу синовите Израилеви наместо сите првородени од Израилевите синови, што ја отвораат утробата, тие се откуп; левитите да бидат Мои,

13 бидејќи сите првородени се Мои; во денот, кога ги поразив сите првородени во Египетската земја, Јас си осветив за Себе сите Израилеви провородени од човек до добиток: тие да бидат Мои. Јас сум Господ.«

14 И му рече Господ на Мојсеја во Синајската пустиња, велејќи:

15 »Преброј ги Левиевите синови според домовите нивни, според родовите нивни, преброј си од машки пол од еден месец, и нагоре!«

16 И ги преброи Мојсеј и Арон според зборовите Господови, како што беше заповедано.

17 Еве ги Левиевите синови според имињата нивни: Гирсон, Каат и Мерари.

18 А ова се имињата на Гирсоновите синови според родовите нивни: Ловен и Семеј.

19 И Катовите синови според родовите нивни: Амрам и Исар, Хеврон и Узиил.

20 И Мерариевите синови според родовите нивни: Моли и Муси. Тоа се Левисвите родови според домовите нивни:

21 Од Гирсона произлегува родот Ловенов, родот Семејов: тоа се Гирсоновците.

22 Сите, изброени од машки пол, од еден месец и нагоре, беа седум илјади и петстотини.

23 Родовите на Гирсоновци се беа сместиле зад скинијата, кон запад.

24 Началник на поколението од Гиросовите синови беше Елисаф, син Даилов;

25 на Гирсоновите синови при скинијата на сведоштвото им е доверено да ги пазат: скинијата и покривката нејзина, завесата над влезот во скинијата на сведоштвото,

26 оградите од тремот, завесата од влезот во тремот, што е околу скинијата и жртвеникот, и сите други негови делови.

27 Од Каат произлегува родот Амрамов и родот Исаров, и родот Хевронов и родот Узиилов: тоа се Катовците;

28 Според пребројувањето сите од машки пол, од еден месец и нагоре, беа осум илјади и шестотини, кои го чуваа (пазеа) светилиштето.

29 Родовите на Каатовци да се сместат на јужната страна од скинијата;

30 а началникот на племето Каатовци беше Елисафан, синот Узиилов;

31 тие го чуваа ковчегот, трпезата, светилникот, жртвениците, садовите на светилиштето, со кои се служи, и завесата со сите нејзини работи.

32 Началник над началниците на левитите беше Елеазар, син на свештеникот Арон; поставен како стража да го чува светилиштето.

33 Од Мерари произлегува родот на Моли и родот на Муси; тоа се родови Мерариови;

34 сите преброени од машки пол, од еден месец и нагоре, беа на број шест илјади и двесте;

35 началник на домот на Мерариевци беше Суриил, син Авихеов; тие да се распоредат на северната страна;

36 на Мерариевите синови им беше доверено да ги пазат штиците на скинијата и јажињата нејзини, столбовите, подножјата нејзини, сите сосуди, и сите работи со целото нивно устројство,

37 столбовите од тремот наоколу и подножјата нивни, колците нивни и јажињата нивни.

38 А од предната страна на скинијата, на исток, сместени беа Мојсеј и Арон, и синовите негови, кои место синовите Израилеви, го пазеа светилиштето; ако, пак, некој туѓинец, се доближеше, биваше убиен.

39 Сите изброени левити, што ги преброи Мојсеј и Арон по заповед на Господа, според родовите нивни, сите од машки пол, од еден месец нагоре, беа дваесет и две илјади.

40 И му рече Господ на Мојсеја: »Преброј ги сите првородени синови Израилеви од машки пол, од еден месец и нагоре, и преброј ги поименично;

41 и земи ги левитите за Мене, наместо сите првородени од синовите Израилеви, – Јас сум Господ, – а добитокот на левитите место сиот првороден добиток на синовите Израилеви.«

42 И ги преброи Мојсеј, како што му заповеда Господ, сите првородени од синовите Израилеви;

43 и сите првородени од машки пол, според бројот на имињата, од еден месец и нагоре, беа дваесет и две илјади и двесте и седумдесет и три.

44 И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:

45 »Земи ги левитите место сите првородени од синовите Израилеви, и добитокот на левитите, место нивниот добиток; левитите нека бидат Мои. Јас сум Господ.

46 А за откуп на десте и седумдесет и трите првородени Израилеви, со кои го надминуваа бројот на левитите,

47 земи по пет сикли за човек, според свештената сикла земи, по даесет пенези од сикла,

48 и дај му го тоа сребро на Арона и на синовите негови, за откуп на оние, што го надминуваат нивниот број.«

49 И го зеде Мојсеј среброто од откупот за оние, што го надмунуваат бројот на заменетите со левитите.

50 Од првородените Израилеви синови зеде сребро илјада и триста и шеесет и пет сикли, според свештената сикла;

51 и среброто од откупот, за оние што го надминуваат бројот, Мојсеј му го даде на Арона и на синовите негови според зборовите на Господа, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy