Online Bible

- Reklamy -

Броеви 25 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Казни поради прељуба и поклонување на други богови.

1 Израил живееше во Ситим и народот почна преку блуд да се осквернува со ќерките на Моав;

2 и ги покануваа тие да принесуваат жртва на идолите нивни, и народот ги јадеше жртвите нивни и им се клањаше на боговите нивни.

3 И му се поклони Израилот на Ваал-Фегор. И се разгори гневот Господов против Израилот.

4 И му рече Господ на Мојсеја: »Земи ги сите началници народни и разобличи ги пред Господа спроти сонцето, и ќе се одврати јаросниот гнев Господов од Израилот.«

5 Тогаш Мојсеј им рече на племињата Израилеви: »Секој нека ги убие своите луѓе, што му служат на Ваал-Фегор.«

6 И ете, еден од синовите Израилеви дојде и доведе при братот свој една Мадијамка, пред очите на Мојсеја, и пред очите на целото општество на синовите Израилеви, кога тие плачеа при влезот од скинијата на сведоштвото.

7 Финес, синот на Елеазара, син на свештеникот Арон, кога го виде тоа, стана среде општеството и зеде во раката копје,

8 и влезе по Израилецот во блудилиштето и ги прободе и обајцата: Израилецот и жената во утробата нејзина; и престана поморот на синовите Израилеви.

9 А умрените од помор беа дваесет и четири илјади.

10 И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:

11 »Финес, синот на Елеазара, син на свештеникот Арон, ја одврати јароста Моја од синовите Израилеви, покажувајќи меѓу нив ревност за Мене, и Јас не ги истребив синовите Израилеви во ревноста Своја.

12 Така кажи им: ‚ете, Јас му давам мирен завет;

13 и тој ќе биде за него и за потомството негово по него завет на вечно свештенство, затоа што покажа ревност за својот Бог и Го омилостиви за синовите Израилеви.‘«

14 Името на убиениот Израилец, кој беше убиен со Мадијамката, е Замври, син на Сало, началник на Симеоновото поколение;

15 а името на убиената Мадијамка е Хазва; таа беше ќерка на Сура, началник на Мадијамското племе Омот.

16 Пак му рече Господ на Мојсеја, велејќи:

17 »Сметајте ги за непријатели Мадијамците и поразувајте ги,

18 зашто тие со подмолноста своја постапуваа непријателски спрема вас, соблазнувајќи ве со Фегора и со Хазва, ќерката на мадијамскиот началник, нивна сестра, убиена во денот на поморот поради Фегор.«

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy