Броеви 24 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Валаам му пророкува на Израилот добро: ѕвезда од Јакова. 1 Валаам виде дека на Господ Му е пријатно да го благословува Израилот и не отиде во пресрет како порано, за да претскажува, а го сврти лицето кон пустињата. 2 Погледна Валаам и го виде Израилот, како се беше сместил со племињата свои, а Духот Божји беше на него. 3 И започнувајќи ја својата беседа, рече: »Валаам, синот Веоров, говори тој што ја гледа вистината. 4 Зборува оној, кој ги слуша зборовите на Семоќниот; бидејќи видение Божјо виде во сон, и тоа му ги отвори очите. 5 Колку се убави домовите твои, Јакове, и живеалиштата твои, о Израиле! 6 Тие се распростираат како дубрави со сенки, како градини крај река, како куќи што ги изградил Господ, како кедри крај води; 7 од семето негово ќе излезе човек, и ќе завладее многу народи, и царството негово ќе со возвиси погоре од царството на Гога, и ќе се преувеличи. 8 Бог го изведе од Египет; тој е брз како еднорог, ќе ги голтне непријателски расположените народи спрема него, ќе им ги скрши коските нивни и со стрелите свои ќе го порази непријателот. 9 Легнал тој како лав и како лавче; кој ќе го разбуди? Благословен да биде, оној што те благословува и проклет – оној што те проколнува!« 10 Се разгневи Валак против Валаама, и плесна тој со рацете свои, па му рече на Валаама: »Јас те повикав да ги проколнеш непријателите мои, а ти ги благословуваш еве веќе по третпат; 11 бегај, пак, во земјата своја; јас сакав да ти искажам почит, но, ете, Господ те лишува од почестите.« 12 И му рече Валаам на Валака: »Не ли им реков на твоите пратеници што ми ги испрати: 13 ‚Да ми ја дадеше Валак и куќата своја, полна со сребро и злато, не би можел да ја прекршам заповедта Господова, за да направам нешто добро или лошо по своја волја: она што ќе ми рече Господ, тоа и ќе го кажувам?‘ 14 И така, ете, јас си одам во своето место, но приближи се, за да ти кажам и да те посоветувам што ќе направи во последните дни овој народ со твојот народ.« 15 И го раскажа видението свое, велејќи: »Валаам, синот Веоров, зборува човек со отворени очи, 16 го зборува оној, што ги пази зборовите Божји, кој доби знаење од Севишниот, и откако виде видение Божјо во сон, очите му се отворија. 17 Ќе му покажам, но не сега уште, го сакам но не одблиску. Изгрева ѕвезда од Јакова, и се издига довек од Израилот; тој ќе ги поразува кнезовите моавски и ќе ги заробува сите Ситови синови. 18 И Едом ќе биде негово наследство, Сеир ќе завладее над непријателите свои, а Израил ќе ја покаже силата своја. 19 Произлезениот од Јакова ќе завладее и ќе ги погуби преживеаните од градот.« 20 И го виде тој Амалика, и ја раскажа таа своја приказна, велејќи: Амалик е прв меѓу народите, но семето негово ќе се затре. 21 И го виде и Кенеон, и пророкува, велејќи: »Силно е твоето живеалиште, на камен си го свил своето гнездо, 22 иако му е на Веор тоа гнездо на сплетки, Асирците ќе те заробат.« 23 И кога го виде Ога, пак пророкува, и рече: »Тешко, тешко, кој ќе остане жив, кога Бог ќе го направи тоа. 24 Ќе ги изведат од рацете Китиски, ќе го озлобат Асура, ќе го озлобат и Евера, но и самите ќе се уништат.« 25 И стана Валаам и се врати во местото свое, а исто така и Валак отиде по патот свој. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society