Online Bible

- Reklamy -

Броеви 23 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Валаамовата клетва Бог ја претвора во двоен благослов.

1 Тогаш Валаам му рече на Валака: »Изгради ми овде седум жртвеници и приготви ми седум телиња и седум овни.«

2 Валак направи така, како што рече Валаам; и принесоа Валак и Валаам по едно теле и по еден овен на секој жртвеник.

3 И му рече Валаам на Валака: »Застани при својата сепаленица, а јас ќе појдам, можеби ќе се јави Господ пред мене, и што ќе ми открие, ќе ти кажам.« И остана Валак при сепаленицата своја, а Валаам отиде на другата страна за да Го праша Бога.

4 И му се јави Бог на Валаама, и Валаам Му рече: »Јас подигнав седум жртвеници и принесов по едно теле и по еден овен на секој жртвеник.«

5 И му вложи Господ збор во устата на Валаама и рече: »Врати се при Валака и речи вака.«

6 И се врати при него, а тој стоеше при својата сепаленица, тој и сите моавски кнезови. А Духот Божји беше врз него.

7 И ги прими овие зборови, па рече: »Од Месопотамија, од источните планини, ми рече Валак, моавскиот цар: дојди, проколни ми го Јакова, и дојди, проколни ми го Израилот!

8 Како ќе проколнам? Бог не го проколнува. Што лошо ќе речам, кога Господ не злословува.

9 Од врвот на гората го гледам, од ридовите го гледам: ете народ кој живее одделно и не се вбројува меѓу народите.

10 Кој ќе го изброи семето на Јакова и кој ќе го пресмета бројот на народот Израилев. Да умре душата моја, како што умираат праведниците, и крајот мој да биде како нивниот!«

11 И му рече Валак на Валаама: »Што ми направи? Јас те повикав да ги проколнеш непријателите мои, а пак ти, ете, ги благословуваш со благослов.«

12 Тој одговори и рече: »Не требаше ли да го кажам токму она, што Господ го вложи во устата моја?«

13 И Валак му рече: »Дојди со мене на друго место, од каде што ќе видиш, но само дел од него ќе видиш, а нема целиот да го видиш; и проколни ми го оттаму.«

14 И го одведе до границата на полето на врвот на една карпа, и изгради таму седум жртвеници, и принесе по едно теле и по еден овен на секој жртвеник.

15 И му рече Валаам на Валака: »Стој тука при сепаленицата своја, јас пак, ќе одам понатаму за да Го прашам Бога.«

16 И го сретна Бог Валаама, и му вложи слово во устата негова, па рече: »Врати се при Валака и кажи му така.«

17 И се врати при него, а тој стоеше при својата сепаленица, а заедно со него и сите моавски кнезови. И му рече Валак: »Што вели Господ?«

18 Тој го започна своето кажување и рече: »Стани Валако, слушај и внимавај, сине Сепфоров!

19 Бог не е човек, та да се колеба, ниту е син човечки, па да се изменува. Што ќе каже, па да не го изврши, или што ќе рече, па да не биде така?

20 Ете, доведен сум да благословувам: ќе благословувам, и никако инаку.

21 Не се гледа мака во Јакова, и не се забележува ни болест кај Израилот; Господ Бог е со него, и тој има слава царска.

22 Бог го изведе од Египет: тој е брз како еднорог:

23 нема гатање кај Јакова, нема маѓепсништво кај Израилот; некогаш ќе речат за Јакова и за Израилот: ете, што направи Бог!

24 Ете, еден народ се подигна како лавица и се исправи како лав; нема да легне, додека не го изеде пленот свој и додека не се напие од крвта на победените.«

25 И му рече Валак на Валаама: »Ни со клетва не го проколнувај, ни со благослов не го благословувај.«

26 И одговори Валаам и му рече на Валака: »Не ли ти реков што ќе рече Господ, тоа и ќе го изврши.«

27 И му рече Валак на Валаама: »Дојди, ќе те одведам на друго место; ќе Му биде секако угодно на Бога, и оттаму ќе ми го проколнеш.«

28 И го поведе Валак Валаама на врвот од Фагор, што се протега спрема пустињата.

29 И му рече Валаам на Валака: »Изгради ми овде седум жртвеници и приготви ми седум телиња и седум овни.«

30 И Валак направи, како што рече Валаам, и принесе по едно теле и по еден овен на секој жртвеник.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy