Броеви 22 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Валаам треба да ги проколне синовите Израилеви. Неговата ослица зборува. 1 Тогаш синовите Израилеви тргнаа и се задржаа на запад од Моав, кај Јордан спроти Јерихон. 2 И Валак, синот Сепфоров, виде си што им беше направил Израилот на Аморејците. 3 И Моавците многу се уплашија од тој народ, бидејќи беше многуброен; затоа тие многу се уплашија од синовите Израилеви. 4 Тогаш Моавците им рекоа на Мадијамските старешини: »Овој народ сега истребува си околу нас, како што телињата ја изедуваат полската трева.« А Валак, синот Сепфоров, беше моавитски цар во тоа време. 5 Тој испрати пратеници при Валаам, синот Веоров во Фадур, крај реката во земјата на синовите на неговиот народ, да го повикаат и да му кажат: »Ете, овие луѓе дојдоа од Египет и го покрија лицето земно, и сега се сместени во моето владение. 6 Па дојди и проколни ми го тој народ, бидејќи се посилни од мене: тогаш можеби ќе бидам во состојба да ги поразам и да ги изгонам од земјата моја; бидејќи знам, дека кого ќе го благословиш ти, тој е благословен, и кого ќе го проколнеш, тој е проколнат.« 7 И отидоа моавските старешини и старешините Мадијамски со подароци во рацете и дојдоа при Валаам и му ги соопштија Валаковите зборови. 8 И тој им рече: »Преноќевајте ноќеска овде, и јас ќе ви одговорам што да правите, онака како што ќе ми рече Господ.« И моавските старешини останаа кај Валаама. 9 И дојде Бог при Валаам и му рече: »Кои се оние луѓе кај тебе?« 10 Валаам Му одговори на Бога: »Моавскиот цар Валак, синот Сепфоров ги испратил при мене да кажат: 11 ‚ете, луѓе дојдоа од Египет и го покрија земното лице, па се сместија на моето владение; дојди, па, проколни ги; тогаш можеби ќе можам да ги поразам и да ги изгонам од земјата.‘« 12 И му рече Бог на Валаама: »Не оди со нив, не проколнувај ги тие луѓе; тие се благословени.« 13 И утрината стана Валаам и им рече на кнезовите Валакови: »Вратете се при својот господар, зашто Бог не ми позволува да одам со вас.« 14 Тогаш моавските кнезови станаа и се вратија при Валак, и му рекоа: »Валаам не сакаше да дојде со нас.« 15 И Валак пак реши да испрати кнезови, повеќе и со поголема чест од првите. 16 И тие дојдоа при Валаама и му рекоа: »Вака вели Валак, синот Сепфоров: те молам не задоцнувај да дојдеш при мене; 17 ќе ти укажам големи почести и ќе направам за тебе си, што ќе ми кажеш; па дојди и проколни ги тие луѓе.« 18 Валаам одговори и им кажа на кнезовите Валакови: »Да ми ја дадеше Валак и куќата своја, полна со злато и сребро, не можам да ја прекршам заповедта на Господа Бога, и да извршам нешто мало или големо по своја волја; 19 но сепак, останете и вие тука, оваа ноќ и јас ќе разберам, што уште ќе ми каже Господ.« 20 И дојде ноќта Бог при Валаама и му рече: »Ако овие луѓе дошле да те викаат, стани, оди со нив; но прави го само она, што ќе ти го речам Јас.« 21 Утрината Валаам стана, ја оседла ослицата своја и тргна со моавските кнезови. 22 И се разгневи јароста Божја, затоа што тргна тој, и застана Ангел Господов на патот, за да му попречи. Тој јаваше на ослицата своја, а со него и двајца слуги негови. 23 И ослицата го виде Ангелот Господов, застанат на патот со извлечен меч во раката, па скршна од патот и тргна по полето, а Валаам почна да ја бие ослицата со својот жезал за да се врати на патот. 24 И застана Ангелот Господов на еден тесен пат меѓу лозјата, оградени и од едната и од другата страна. 25 Ослицата кога го виде Ангелот Господов, тргна кон оградата и ја притисна ногата на Валаама; и тој пак почна да ја бие. 26 Но Ангелот Господов пак се тргна и застана на тесно место, каде што немаше каде да се скршне ни надесно, ниту налево. 27 Ослицата, кога го виде Ангелот Господов, легна под Валаама. И се разгневи Валаам и пак почна да ја бие ослицата со жезалот. 28 Тогаш ја одврза Бог устата на ослицата и тој му рече на Валаама: »Што ти направив, та ме биеш еве веќе третпат?« 29 Валаам ѝ рече на ослицата: »Затоа што се подигра со мене; да имав во раката меч, сега ќе те прободев.« 30 А ослицата му рече на Валаама: »Не ли сум јас твојата ослица, која ти ја јаваш од младоста твоја до денес? Сум ти правела ли вака досега?« Тој одговори: »Не«. 31 И му ги отвори Господ очите на Валаама, и тој го виде Ангелот Господов, застанат на патот со извлечен меч во раката, се поклони и падна ничкум. 32 И му рече Ангелот Господов: »Зошто ја биеш ослицата еве веќе трипати? Јас излегов да ти го попречам патот, зашто патот твој не Ми е по волја! 33 и ослицата, кога ќе ме видеше, скршнуваше од мене еве веќе три пати; ако не скршнуваше од мене, ќе те убиев, а неа ќе ја оставев жива.« 34 И му рече Валаам на Ангелот Господов: »Згрешив, бидејќи не знаев, дека Ти стоиш на патот пред мене; и сега, ако тоа Ти е неугодно, јас ќе се вратам.« 35 И му рече Ангелот Божји на Валаама: »оди со овие луѓе; зборувај го само она што Јас ќе ти го кажувам.« И отиде Валаам со Валаковите кнезови. 36 Валак, кога чу, дека доаѓа Валаам, излезе да го пречека во моавскиот град, кој е во Арнонските предели, при самиот крај. 37 И му рече Валак на Валаама: »нели испратив јас при тебе да те викаат, зошто не дојде при мене? Или зар не можам да ти укажам почести?« 38 И му рече Валаам на Валака: »ете, јас дојдов при тебе, но можам ли да кажам нешто од себеси? Она што Бог го вложува во устата моја тоа и ќе го кажам.« 39 И тргна Валаам со Валака, и влегоа во градските куќи. 40 И закла Валак телиња и овци и му испрати на Валаама и на кнезовите, кои беа со него. 41 А утрината Валак го зеде Валаама и го качи на Вааловите ѕидини, за да види оттаму еден дел од народот. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society