Броеви 21 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Змија од бакар. Победата над Сион и Ор. 1 Еден од хананските цареви, – царот на Арад, кој живееше на југ, кога чу, дека Израилот доаѓа по патот од кај Атарим, стапи во борба против Израилците и зароби неколкумина од нив. 2 и се заветува Израилот пред Господа, и рече: »Ако го предадеш овој народ во рацете мои, ќе ги истребам градовите нивни, ќе ги уништам.« 3 Господ го чу гласот на Израилот и ги предаде Хананејците во рацете негови, и тој победи и градовите негови ги опусти, и тоа место го нарече: запустение. 4 Од планината Ор тие тргнаа кон Црвено Море, за да ја заобиколат земјата на Едом. И по патот народот падна со духот; 5 и возроптаа луѓето против Бога и против Мојсеја: »Зошто ни изведе од Египет, па да умреме во пустињава: тука нема ни леб, ни вода, а во душата ни омрзна таа лоша храна?« 6 и испрати Господ против народот отровни змии, кои го касаа народот, и многу луѓе изумреа од синовите Израилеви. 7 И дојде народот при Мојсеја и рече: »Згрешивме кога се побунивме против Господа и против тебе; помоли Му се на Господ да ги отстрани од нас змиите.« И Мојсеј Му се помоли на Господа за народот. 8 И му рече Господ на Мојсеј: »Направи бакарна змија и закачи ја на знамето како знак, и ако касне некого змија, каснатиот, штом ќе ја погледне, ќе остане жив.« 9 И направи Мојсеј бакарна змија и ја закачи на знамето како знак, и кога некоја змија ќе каснеше некој човек, тој штом ќе ја погледнеше бакарната змија, остануваше жив. 10 И тргнаа синовите Израилеви и се задржаа во Овот; 11 се кренаа и од Овот, и застанаа во Ахалгеј, спроти пустињата Моав, која е на исток. 12 Оттаму тргнаа и дојдоа во долината Заред; 13 оттука, кога тргнаа, се задржаа во оној дел од страната на Арнон, кој тече од пределите на Амореја, бидејќи Арнон е границата на Моав, меѓу Моав и Амореја. 14 Затоа и е речено во книгата за војните Господови: »го уништи Зоов, и потокот Арнон. 15 И по потокот ја изгради населбата Ир, која му припаѓа на Моав.« 16 Оттука тргнаа кон еден извор, а тоа е оној кладенец, за кој Господ му рече на Мојсеја: »собери го народот и ќе им дадам вода.« 17 Тогаш Израилот ја запеа песната: »извирај, кладенец! 18 Пејте за кладенецот што го ископаа кнезовите, а народните водачи заедно со законодавецот го разрушија со жезлата свои.« И од кладенецот тргнаа кон Мантанаил. 19 Од Мантанаил во Наадил, од Наадил, во Вамот, 20 а од Вамот за Напин, кој е во Моавската земја, од пресечениот врв, свртен со лицето кон пустињата. 21 И ги прати Мојсеј пратениците при Сион, аморејскиот цар, со предлог за мир, и да му кажат: 22 »Дозволи ни да минеме преку твојата земја; ќе одиме по патот, нема да навлегуваме ни во селата, ни во лозјата, и нема да пиеме вода од твоите кладенци, а ќе одиме по царскиот пат, додека да ги минеме пределите твои.« 23 Но Сион не му дозволи на Израила да мине преку пределите негови; и го собра Сион целиот свој народ и излезе против Израилот во пустињата, и стигна до Јасан и се судри со Израилот. 24 И го порази Израил со меч и завладеа со земјата негова од Арнон до Јавок, дури до Амоновите синови, бидејќи Јазир е амонитски предел. 25 И ги зазеде Израил сите тие градови, и се насели Израилот во сите аморејски градови, во Есевон и во сите нему потчинети; 26 зашто Есевон беше град на аморејскиот цар Сион, кој војуваше против поранешниот моавски цар и ја беше одзел од рацете негови целата земја негова од Ароир дури до Арнон. 27 Затоа велат писателите: дојдете во Есевон, нека се изгради и утврди градот Сион; 28 бидејќи оган излезе од Есевон, пламен од градот Сионов и изгоре дури до Моав и ги проголта столбовите арнаитски. 29 Тешко тебе, Моаве, изгинаа луѓето Хамосови, синовите негови ги заробија, и ќерките му станаа робинки на аморејскиот цар Сион. 30 И семето нивно се затре од Есевон дури до Девон, и жените нивни, кои изгореа од оган кај Моав. 31 И се насели Израилот во Аморејската земја. 32 И испрати Мојсеј да го разгледаат Фазир, па го зазедоа него и селата негови, и ги изгонија Аморејците што живееја таму. 33 Тогаш се повратија и појдоа кон Васан. И излезе против нив васанскиот цар Ог, самиот тој и целиот народ негов, за да се судри со нив кај Едраин. 34 И му рече Господ на Мојсеја: »Не бој се од него, зашто Јас ќе ти го предадам во рацете твои него и целиот народ негов и целата земја негова, и ќе постапиш со него, онака како што постапи со аморејскиот цар Сион, кој живееше во Есевон.« 35 И го порази него и синовите негови и целиот народ негов, така што ниеден од нив не остана жив; и ја наследија земјата негова. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society