Броеви 2 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Распоред на племињата во логорот. 1 И им рече Господа на Мојсеја и Арона, велејќи: 2 »Синовите Израилеви треба да се распоредат секој според својот чин, според знамето на домот свој, наоколу треба да се настанат синовите Израилеви пред Господа, околу скинијата на сведоштвото. 3 Најнапред, на исток, ќе се настани полкот Јудин со војниците свои, и началникот на Јудините синови Наасон, синот Аминадавов. 4 Силата на неговата војска изнесува седумдесет и четири илјади и шестотини војници. 5 По него да се распореди племето Исахарово, и началникот на Исахаровите синови Натанаил, синот Согаров, 6 чија сила е изброена на педесет и четири илјади и четиристотини војници. 7 Близу потаму да се смести племето Завулоново, и началникот на синовите Завулонови Елиав, синот Хелонов; 8 бројот на неговите доброволци изнесува педесет и седум илјади и четиристотини. 9 Сите изброени во Јудиновиот логор се сто и осумдесет и шест илјади и четиристотини; тие први да тргнат. 10 Кон југ да биде распореден Рувимовиот полк со војската и началникот на синовите Рувимови Елисур, синот Седиуров; 11 бројот на неговите војници, влезени во пребројувањето негово, е четириесет и шест илјади и петстотини. 12 До него да се настани племето Симеоново, и началникот на синовите Симеонови Саламиил, синот Сурисадаев; 13 а неговите војници изброени беа педесет и девет илјади и триста. 14 Потоа да се насели племето Гадово, и началникот на синовите Гадови Елисаф, синот Рагуилов; 15 неговите доброволци беа на број четириесет и пет илјади и шестотини и педесет. 16 Сета сила влезена во пребројувањето на Рувимовиот полк изнесува сто и педесет и една илјада и четиристотини и педесет; тие втори да појдат. 17 Кога ќе се крене скинијата на сведоштвото, населбата на левитите да биде во средината на другите населби. Како што се разместени, така и да одат, секој на своето место според чинот свој. 18 Кон морето да биде населбата на Ефремовиот полк со војската негова, и началникот на синовите Ефремови, Елисам, синот Емиудов, 19 а неговите војници изброени, се четириесет илјади и петстотини. 20 До него да се смести племето Манасиево, и началникот на синовите Манасиеви Гамалиил, синот Фадасуров, 21 со неговите доброволци, кои се триесет и две илјади и двесте. 22 Потоа да се смести близу до племето Венијаминово, и началникот на синовите Венијаминови Авидан, синот Гадеониев, 23 заедно со неговите војници, чиј број е триесет и пет илјади и четиристотини. 24 Сите изброени војници од Ефремовата населба се сто и осум илјади и сто; тие трети да поаѓаат. 25 Кон север да биде населбата на Дановата војка, и началникот на синовите Данови Ахиезер, синот Амисадаев, 26 и неговите војници, чиј број изнесува шеесет и две илјади и седумстотини. 27 А до него да се смести племето Асирово, и началникот на синовите Асирови Фагаил, синот Ехранов, 28 заедно со неговите војници на број, четириесет и една илјада и петстотини. 29 Потаму да се настани племето Нафталимово, и началникот на синовите Нафталимови Ахиреј, синот Енанов, 30 и неговите педесет и три илјади и четиристотини доброволци.« 31 Сите, влезени во пребројувањето на Дановиот полк, се сто и педесет и седум илјади и шестотини; тие последни да се креваат според чинот свој. 32 Сите изброени синови Израилеви според домовите нивни се шестотини и три илјади и петстотини и педесет. 33 А левитите не се вброени со синовите на Израилот, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја. 34 И направија синовите Израилеви сѐ што му беше заповедал Господ на Мојсеја; така се распоредија според чиновите свои, и така одеа секој според племето свое, според домовите свои. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society