Броеви 19 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990За водата од пепелта на црвената јуница. 1 И им рече Господ на Мојсеја и Арона, велеќи: 2 »Еве ја наредбата на законот, што Господ ја заповеда, кога рече: јави им на синовите Израилеви да ти доведат јуница црвеникава, без повреда, без недостаток, и која не била впрегнувана; 3 дајте ја на свештеникот Елеазар, и да ја изведат надвор од населбата на чисто место, и да ја заколат пред него. 4 И нека зема свештеникот Елеазар од крвта нејзина и нека попрска од нејзината крв седумпати пред скинијата на сведоштвото. 5 И потоа да ја изгорат пред очите негови: и кожата нејзина, и месото нејзино, и крвта, а и нечистотиите нејзини – да ги изгорат. 6 И свештеникот да зема кедрово дрво, и исоп, и нишка од темноцрвена волна и да ги стави во средината на огнот каде што гори јуницата. 7 А свештеникот да ја испере облеката своја и да го измие телото свое со вода, а потоа да влезе во населбата, и свештеникот ќе биде нечист до вечерта. 8 И оној, што ја изгорел, да ја испере облеката своја со вода, и да го измие телото свое со вода, и да биде нечист до вечерта. 9 А некој чист да ја собере пепелта од јуницата и да ја остави надвор од населбата на чисто место, и таа да се чува за општеството на синовите Израилеви, за приготвување очистителна вода. 10 А оној, пак, што ја собрал пепелта од јуницата, да ја испере облеката своја, и да биде нечист до вечерта. Тоа нека биде вечно озаконение за синовите Израилеви и за придојдените, што живеат меѓу нив. 11 Оној што ќе се допре до мртво тело на кој и да било човек, да биде нечист седум дена: 12 тој треба да се очисти со таа вода на третиот ден и на седмиот ден, и ќе биде чист; ако, пак, не се очисти на третиот и седмиот ден, нема да биде чист. 13 Секој, што се допрел до мртво тело на кој и да било умрен човек и не се очистил, ќе ја оскверни скинијата Господова; тој човек да се истреби од Израилот, зашто не е попрскан со вода за очистување, тој е нечист, нечистотата е си уште на него. 14 Еве го законот: ако човек умре дома, тогаш секој, што ќе влезе во домот, и си што е во шаторот, да биде нечисто седум дена; 15 секој откриен сад, незаврзан и непокриен, е нечист. 16 Секој, што ќе се допре в поле до ранет, или до умрен, или до човечка коска, или до гроб, да биде нечист седум дена. 17 За нечистиот да земат пепел од онаа изгорена жртва за очистување и да сипаат над неа изворска вода во сад. 18 И некој чист нека зема исоп и нека го потопи во вода и да го попрска домот и сите садови и луѓе, што ќе се најдат таму, и оној, што се допрел до човечка коска, или до ранет, или до умрен, или до гроб; 19 и чистиот да го попрска нечистиот на третиот и седмиот ден и во седмиот ден тој ќе се очисти; и да ја испере облеката своја, и да го измие телото свое со вода, и нечист ќе биде до вечерта. 20 Ако некој се оскверни и не се очисти, тој човек да се истеби од народот, зашто тој го осквернил светилиштето Господово: тој не е испрскан со вода за попрскување, нечист е. 21 Тоа нека ви биде вечна наредба. И оној, кој прска со вода за попрскување да ја испере облеката своја; и оној кој се допрел до вода за попрскување, да биде нечист до вечерта. 22 И сѐ, до што ќе се допре нечистиот, да биде нечисто, и човек кој се допрел, ќе биде нечист до вечерта.« |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society