Броеви 17 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Ароновата патерица процветува. 1 И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: 2 »Кажи им на синовите Израилеви и земи од нив по еден жезал од колено, по еден жезал од секој нивни кнез, дванаесет жезла, и името на секој напиши го на жезалот; 3 Ароновото име напиши го на Левиевиот жезал, зашто тие треба да дадат еден жезал, според племето на нивниот род, 4 и стави ги во скинијата на сведоштвото, пред ковчегот на откровението, каде што ви се јавувам; 5 и кого Јас ќе го одберам, и неговиот жезал ќе го расцутам; и така ќе го отстранам ропотот на синовите Израилеви, што го креваат против вас.« 6 И им рече Мојсеј на синовите Израилеви, и сите началници нивни им дадоа, од секој началник по еден жезал, дванаесет жезла, според кнежествата свои и родовите нивни; и Ароновиот жезал беше меѓу жезлата нивни. 7 Тогаш Мојсеј ги постави жезлата пред лицето Господово во скинијата на сведоштвото. 8 На вториот ден влезе Мојсеј и Арон во скинијата на сведоштвото, и ете, Ароновиот жезал, од Левиевиот дом, беше потерал, пуштил гранчиња, процутил и родил ореви. 9 И ги изнесе Мојсеј сите жезли од лицето Господово пред сите синови Израилеви; и тие го видоа тоа и секој си го зеде својот жезал. 10 И му рече Господ на Мојсеја: »Постави го пак Ароновиот жезал пред ковчегот на откровението да се чува, како претсказание за непокорените, па ропотот против Мене да престане и тие да не изумрат.« 11 И Мојсеј и Арон направија така, како што му заповеда Господ на Мојсеја, така направија. 12 И му рекоа синовите Израилеви на Мојсеја: »Ете, ние се требиме, гинеме, исчезнуваме; 13 секој, што се приближува кон скинијата на сведоштвото Господово, умира: дали ќе изумреме така сите?« |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society