Online Bible

- Reklamy -

Броеви 16 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Побуна на Кореевата дружина. Ароновата кадилница.

1 Кореј, синот на Исар, синот Каатов, синот Левиев, Датан и Авирон, синовите на Елиав, и Авнан, синот на Фалет, синови Рувимови,

2 востанаа против Мојсеја заедно со двесте и педесет мажи од синовите Израилеви, началници на народот, повикувани на собранието, мажи познати.

3 И се собраа против Мојсеја и Арона и им рекоа: »Доста ви е толку; целото општество, сите се свети, и меѓу нив е Господ! А вие зошто се поставувате погоре од народот Господов?«

4 Кога го чу тоа, Мојсеј падна ничкум

5 и му кажа на Кореја и на сите негови соученици, велејќи: »Утре ќе покаже Господ, кој е Негов, и кој е свет, за да го приближи кон Себеси; и кого Он ќе го избере, него и ќе го доближи до Себеси.

6 Еве што ќе направи: Кореј и сите негови соучесници, земете си ги кадилниците

7 и утре ставете во нив оган и сипете во нив темјан пред Господа; кого Господ ќе го избере, тој и ќе биде свет. Доста ви е толку Левиеви синови!«

8 И му рече Мојсеј на Кореја: »Чујте Левиеви синови!

9 Малку ли ви е тоа, што Бог Израилев ве оддели од Израилевото општество и ве приближи кон Себеси, за да служите при скинијата Господова и да стоите пред народот Господов, служејќи за нив?

10 Он те приближи тебе и заедно со тебе сите твои браќа, Левиеви синови, а вие барате уште и да свештенодејствувате.

11 И така, ти и целата твоја дружина сте се собрале против Господа. Што е Арон, па негодувате против него?«

12 Мојсеј испрати да го повикаат Датана и Авирона, Елиавовите синови. Но тие рекоа: »Нема да одиме!

13 Малку ли ти беше, што ни изведе од земјата, каде што тече мад и млеко, за да ни погубиш во пустињата, а сакаш уште и да господариш над нас; си станал кнез.

14 Ни воведе ли во земјата, каде што тече мед и млеко, и ни даде ли да владееме ниви и лозја, или сакаш да им ги изведиш очите на тие луѓе? Нема да одиме!«

15 Мојсеј се јадоса многу, и Му рече на Господа: »Не свртувај го погледот Свој кон нивниот принос; на никого од нив не сум му зел осел, никому од нив не сум му направил зло.«

16 И му рече Мојсеј на Кореја: »Утре ти и целиот твој народ застанете пред лицето Господово, ти и Арон, и другите,

17 па секој нека ја земе кадилницата своја, и ставете во нив темјан, и донесете ја пред лицето Господово секој својата кадилница – двесте и педесет кадилници; и ти и Арон, секој својата кадилница.«

18 И сите ги зедоа своите кадилници, ставија во нив оган, ставија во нив темјан, и застанаа при влезот од скинијата на сведоштовото; исто така и Мојсеј и Арон.

19 И Кореј ги собра против нив целото општество при влезот од скинијата на сведоштвото. И славата Господова се јави пред целото општество.

20 И им рече Господ на Мојсеја и Арона, велејќи:

21 »Секој од вас нека се истави од тие луѓе, и во еден миг ќе ги истребам.«

22 А тие паднаа ничкум и рекоа: »Боже, Боже на духовите и на секоја плот! Еден човек згреши, а Ти на целото општество ли се гневиш?«

23 И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:

24 »Кажи му на народот: отстапете наоколу од живеалиштата на Кореја, Датана и Авирона!«

25 И стана Мојсеј и отиде кај Датана и Авирона, и по него отидоа и старешините Израилеви.

26 И му рече на народот: »Тргнете со од шаторите на тие луѓе со жестоко срце и не се допирајте до ништо нивно, за да не загинете заедно со нив во сите нивни гревови!«

27 Тие се тргнаа наоколу од живеалиштата на Кореја, Датана и Авирона; а Датан и Авирон излегоа и застанаа пред вратите на шаторите свои и жените нивни, и децата нивни, и стоката нивна!

28 Тогаш Мојсеј рече: »Во ова ќе познаете, дека Господ ме испрати да ги извршам сите овие дела, а не го правам тоа сам од себеси.

29 Ако умрат тие, како што умираат сите луѓе, и ги стигне таква казна, каква што ги стигнува сите луѓе, тоа тогаш Господ не ме пратил;

30 но, ако Господ изврши нешто необично, и земјата ја отвори устата и ги голтне и домовите нивни, и куќите нивни и си што има кај нив, и тие слезат живи во адот, тогаш уверете се, дека овие луѓе Го разгневиле Господа.«

31 Штом ги изговори тие зборови, земјата се распука под нивните нозе,

32 и земјата ја отвори устата своја и ги голтна нив и домовите нивни, и сите луѓе заедно со Кореја и добитокот нивни,

33 и тие слегоа живи во адот со си што беше нивно, и земјата го покри, и нив ги снема од средината на општеството.

34 Сите Израилци, што беа околу нив, се разбегаа од нивното викање, за да не ни голтне, велеа тие, и нас – земјата.

35 Оган излезе од Господа и ги изгори оние двесте и педесет мажи, што беа принеле темјан.

36 И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:

37 »Кажи му на Елеазара, синот на свештеникот Арон, да ги собере бакарните кадилници на изгорените и туѓиот оган да го исфрли, бидејќи се осветија преку нивната смрт,

38 и да се сплескаат како листови за оковување на жртвеникот, зашто тие ги донесоа пред лицето Господово, а затоа се осветија; и тие ќе бидат опомена за синовите Израилеви.«

39 Тогаш Елеазар, синот на свештеникот Арон, ги зеде бакарните кадилници, што ги беа донеле изгорените, и ги сплеска на листови за оковување на жртвеникот,

40 за да помнат синовите Израилеви, па никој надворешен, кој не е од Ароновото семе, да не принесува темјан пред Господа, за да не стане и со него она, што стана со Кореја и соучесниците негови, како што му беше рекол Господ преку Мојсеја.

41 На вториот ден целото општество на синовите Израилеви возропта против Мојсеја и Арона и рече: »Вие го уништивте народот Господов.«

42 И кога се собра народот, нападна на Мојсеја и на Арона, тие погледаа кон скинијата на сведоштвото,

43 и ете, ја покри облак, и славата Господова се јави. И влегоа Мојсеј и Арон во скинијата на сведоштвото.

44 И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:

45 »Отстранете се од тоа општество и Јас во еден миг ќе ги погубам!« Но тие паднаа на колена.

46 И му рече Мојсеј на Арона: »Земи ја кадилницата, стави во неа оган од жртвеникот, сипи темјан и носи го тоа што поскоро кај народот и помоли се за нив, зашто гнев излезе од лицето на Господа, и почна да ги погубува луѓето.«

47 И зеде Арон, како што рече Мојсеј, и се најде кај народот, и ете почна помор меѓу народот. И тој исипа темјан и се помоли за народот:

48 застана меѓу мртвите и живите, и смртта престана.

49 Изумреа од поморот четиринаесет илјади и седумстотини души, освен умрените по делото на Кореја.

50 Тогаш Арон се врати кај Мојсеја, при влезот од скинијата на сведоштвото, откако престана поморот.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy