Броеви 12 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Жената Аронова, Маријам, е казнета со болеста лепра. 1 Тогаш Маријам и Арон го прекоруваа Мојсеја поради жената Етиопјанка, што ја беше зел, зашто тој се беше оженил со Етиопјанка; 2 и рекоа: »Само на Мојсеја ли му зборува Господ? Не ни говореше ли Он и нам?« И Господ го чу тоа. 3 А Мојсеј беше најкроткиот човек меѓу сите луѓе на земјата. 4 И им рече Господ веднаш на Мојсеја, Арона и на Маријам: »Излезете вие тројца пред скинијата на сведоштвото!« Тие излегоа и тројцата. 5 И слезе Господ во облаков столб, застана при влезот од скинијата на сведоштвото, па го повика Арона и Маријам, и тие излегоа и двајцата. 6 И рече: »Чујте ги Моиве зборови: ако меѓу вас има пророк Господов, Јас му се откривам во видение, на сон говорам со него; 7 не е така, меѓутоа со Мојот слуга Мојсеј, – тој е верен на целиот Мој дом: 8 Јас говорам со него уста со уста, и јавно, а не преку гатање, и тој ја виде славата Господова; а вие како не се исплашивте да го прекорувате Мојот слуга Мојсеја?« 9 И се разгори гневот на Господа против нив, и Он си отиде. 10 Се повлече и облакот од скинијата, и ете, Маријам беше прокажена со лепра, бела како снег. Арон ја погледна Маријам, и, ете, таа е лепрозна. 11 И му рече Арон на Мојсеја: »Помоли Го Господа ова да не ни го смета за грев, бидејќи не знаевме дака погрешивме; 12 не оставај таа да остане како мртвородено младенче, чие тело, кога излегува од мајкината утроба, до половина веќе е гнило.« 13 И се обрна Мојсеј кон Господа, велејќи: »Боже, Ти се молам, исцели ја.« 14 Му рече Господ на Мојсеја: »Ако татко и ја беше плукал во лице, не ќе требаше ли таа да се срамува седум дена! И така, таа да биде затворена седум дена надвор од населбата, а потоа пак да се врати.« 15 И се одлучи Маријам да биде затворена надвор од логорот седум дена, и народот не тргна на пат, додека таа не се врати. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society