Online Bible

- Reklamy -

Амос 9 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Разрушување на храмот.

1 Го видов Господа како стои на жртвеникот и вели: удри во горниот праг на вратата за да се растресат спојките и расцепи ги врз главите на сите нив, а другите од нив ќе ги убијам Јас со меч: никој од нив, кој бега, нема да избега, и никој од нив, кој сака да се спаси, нема да се спаси.

2 И да се закопаат во најдолниот дел на земјата, и оттаму раката Моја ќе ги извлече; и да се качат на небото, и оттаму ќе ги сметнам.

3 Макар да се скријат и на врв Кармил, и таму ќе ги најдам и ќе ги земам; па и да се сокријат и од очите Мои во морското дно, и таму ќе му заповедам на змајот морски да ги голтне.

4 И во плен, ако појдат пред непријателите свои, ќе му заповедам на мечот таму да ги убие. Ќе ги свртам врз нив очите Свои за нивно зло, а не за добро.

5 Зашто Господ Бог Саваот ќе се допре до земјата, и таа ќе се растопи, и ќе се расплачат сите живи на неа; ќе се крене таа цела како река и ќе се спушти како реката египетска.

6 Он ги изгради своите горни дворци на небесата и сводот Свој го зацврсти на земјата; ги повика морските води и ги изли по земјата; Господ е името Негово.

7 Вие, синови Израилеви, не сте ли за мене како синови етиопски, вели Господ, нели Јас го изведов Израилот од земјата Египетска и Филистејците – од Кафтор и Арамејците од Кир?

8 Ете, очите на Господа Бога се врз грешното царство, и Јас ќе го истребам од лицето на земјата, но домот на Јакова нема целосно да го истребам, вели Господ.

9 Зашто, еве, Јас ќе заповедам и ќе го распраснам домот Изралев по сите народи, како што се растураат зрната во решето, и ниедно не паѓа на земја.

10 Од меч ќе умрат сите грешници меѓу народот Мој, кои велат: »нема да нѐ постигне и нема да дојде при нас тоа зло!«

11 Во оној ден ќе ја подигнам паднатата скинија Давидова, ќе ги пополнам пукнатините нејзини, срушеното ќе го подигнам и ќе ја средам, како во поранешните дни.

12 за да ги завладее остатокот од Едома и сите народи, меѓу кои ќе се спомнува името Мое, вели Господ, Кој го врши сето тоа.

13 Ете, ќе настапат дни, вели Господ, кога орачот ќе го затече жетварот и оној што гази грозје – сејачот; и горите ќе пуштаат гроздов сок, и од сите ридови ќе потече.

14 Ќе ги повратам заробените на Мојот народ Израилот; и пак ќе ги изградам запустените градови и ќе се населат во нив; ќе насадат лозја и ќе пијат вино од нив, и ќе направат градини и ќе јадат плодови од нив.

15 И ќе ги населам во земјата нивна и тие нема повеќе да бидат истргани од својата земја, која им ја дадов Јас, вели Господ, твојот Бог.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy