Online Bible

- Reklamy -

Амос 6 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Опомена.

1 Тешко им на оние што се без грижа во Сион и на оние што се надеваат на гората Самариска, кои се првенци во народот, и при кои доаѓа домот Израилев!

2 Минете во Калне и видете, оттаму одете во Великиот Емат и спуштете се во Гет филистејски: зар не се подобри тие во овие царства? Не ли се пошироки нивните предели од вашите предели?

3 Тешко вам, кои сметате дека е далеку злочестиот ден, а правите да се приближи славата на насилството,

4 вие, кои лежите на легла од слонова коска и се оптегате на постелите свои, вие, кои јадете најдобри овни од стадото и телиња од богато пасиште,

5 вие, кои пеете по звукот на гусла, мислејќи дека свирите како Давид,

6 вие, кои пиете вино од чаша, се мачкате со најдобри масла и не ве боли срцето за злото на Јосифа!

7 Затоа сега тие ќе појдат први во ропство пред заробените, и ќе се заврши ликувањето на разнежените.

8 Се колне Господ Бог Сам во себе и вака вели Господ, Бог Саваот: се гнасам од гордоста на Јакова и ги мразам дворците негови, и ќе го предадам градот и сѐ, што го исполнува.

9 И, ако во некоја куќа останат десет души, и тие ќе умрат.

10 ќе ги земе роднината нивни или соседот, за да ги изнесе коските нивни од куќите, па ќе го прашаат оној, кој стои пред куќата: »има ли уште некого?« Тој ќе одговори: »нема никого«. И овој ќе рече: »молчи, оти не бива да се спомнува името Господово.«

11 Зошто, ете, Господ ќе даде заповед и ќе ги сосипе големите куќи преку расцепување, а малите со напукнување.

12 Трчаат ли коњите по карпа? Може ли таа да се изоре со волови? Вие, пак, го превртувате правосудството во отров, а плодот на правдата – во горчина;

13 вие, што се восхитувате од ништо и од никакви работи и велите: »зар не спечаливме со силата на својата моќ?«

14 Еве, Јас, вели Господ Бог Саваот, ќе подигнам народ против вас, доме Израилев и ќе ве истерам од влезот во Емат до потокот во пустињата.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy