Online Bible

- Reklamy -

Римјаните 2 - Нов превод на Новиот Завет 2023


Праведноста на Божјиот суд

1 Затоа, немаш изговор ти човеку, што судиш, кој и да си, зашто за она што го осудуваш другиот самиот себеси се осудуваш, бидејќи ти, што судиш, го вршиш истото.

2 А знаеме дека Божјиот суд е вистинит над оние што прават така.

3 Зар мислиш, о човеку, дека ќе го из­бегнеш Божјиот суд ти, кој ги осудуваш оние што вршат такви работи, какви што правиш и сам?

4 Или, пак, ја презираш Неговата голема благост, стрпливост и дол­го­трпеливост, не разбирајќи дека Бож­јата благост те води кон покајание?

5 Но, поради твојата тврдокорност и непокајаното срце си собираш гнев за денот на гневот, кога ќе се открие пра­ведниот Божји суд,

6 Кој секому ќе му даде според не­го­вите дела:

7 вечен живот на оние кои со трпение во добрите дела се стремат кон слава, чест и нераспадливост;

8 гнев и јарост, пак, на оние што од себичност ѝ се непокорни на вистината, а ѝ се покоруваат на неправдата.

9 Мака и тегоба на секоја човечка ду­ша која прави зло, најпрвин на Јудеец, а потоа и на Елин;

10 а слава, чест и мир на секој што прави добро, најнапред на Јудеец, а потоа и на Елин!

11 Зашто кај Бога нема пристрасност.

12 Оние што згрешиле без Закон, без Закон ќе загинат; а сите што згрешиле под Закон, според Законот ќе бидат судени,

13 бидејќи пред Бога не се праведни оние што го слушаат Законот, туку ќе бидат оправдани оние што го исполнуваат Законот.

14 Зашто, кога незнабошците, кои немаат Закон, природно ги из­вр­шу­ваат одредбите на Законот, тогаш тие, иако немаат Закон, самите на себе се Закон;

15 тие докажуваат дека делото на Законот е запишано во нивните срца, за што сведочи и нивната совест, а и нив­ните помисли кои час ги обвинуваат, час ги одбрануваат,

16 за денот, кога, според моето благовестие, Бог преку Исус Христос ќе ги суди тајните на луѓето.


Јудејците и Законот

17 Ете, ти се нарекуваш Јудеец, се потпираш на Законот, се фа­лиш со Бога,

18 ја знаеш Неговата волја и знаеш да разликуваш што е подобро, зашто се поучуваш од Законот,

19 и убеден си дека самиот ти си водач на слепци, светлина на оние што се во мрак;

20 наставник на неразумни, учител на мали деца, во Законот имаш образец на знаењето и на вистината.

21 Тогаш како ти, кој учиш дру­ги, себеси не се учиш?

22 Ти, кој проповедаш да не се краде, крадеш ли? Ти, кој велиш да не се врши прељуба, прељубодејствуваш ли? Ти, кој се гнасиш од идолите, крадеш ли од хра­мо­вите?

23 Ти, кој се фалиш со Законот, не Го бесчестиш ли Бога прес­тапувајќи го Законот?

24 Зашто, како што е напишано: „Поради вас Божјото име се хули меѓу незнабошците“.

25 Обрезанието е навистина полезно, ако го извршуваш Законот. Ако, пак, го прекршуваш Законот, твоето обре­зание станува необрезание.

26 И така, ако необрезаниот ги пази одредбите на Законот, нема ли неговото необрезание да се смета како обрезание?

27 И необрезаниот по тело, из­вр­шу­вај­ќи го Законот, нема ли да те осуди тебе, кој и покрај Писмо и обрезание си ста­нал престапник на Законот?

28 Зашто не е Јудеец оној што е таков по надворешност, ниту обрезание е она што е надворешно, врз телото,

29 туку Јудеец е оној што е внатрешно таков, а обрезание е она што е во срцето, по дух, а не по буква. Неговата пофалба не е од луѓето, туку од Бога.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2023

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy