Марко 6 - Нов превод на Новиот Завет 2023Исус отфрлен во Назарет ( Мт 13,53-58 ; Лк 4,16-30 ) 1 Па излезе оттаму и дојде во Својот роден крај; а по Него одеа и Неговите ученици. 2 И кога дојде сабота, Тој почна да поучува во синагогата и мнозина од оние што Го слушаа, се чудеа и говореа: „Од каде Му е ова? И каква е оваа мудрост што Му е дадена, та такви чуда стануваат преку Неговите раце? 3 Нели е Овој дрводелецот, Синот на Марија, брат на Јаков, Јосија, Јуда и на Симон? И нели Неговите сестри се овде, меѓу нас?“ И се соблазнија поради Него. 4 А Исус им рече: „Ниеден пророк не е без чест, освен во својот роден крај, меѓу роднините и во својот дом.“ 5 И таму не можеше да направи ниту едно чудо; освен што излекува неколкумина болни, полагајќи ги рацете врз нив. Исус ги испраќа дванаесеттемина апостоли ( Мт 10,5-15 ; Лк 9,1-6 ) 6 И се чудеше на нивното неверие. Па одеше по околните села и поучуваше. 7 И ги повика дванаесеттемина, и почна да ги праќа по двајца и им даде власт над нечистите духови. 8 Па им заповеда да не земаат ништо за по пат, освен по еден стап: ниту торба, ниту леб, ниту пари во појасот. 9 Туку да се обуени во сандали и да не облекуваат по две облеки. 10 И им рече: „Ако влезете во некоја куќа, останете во неа сѐ додека не си отидете од тоа место. 11 А ако некаде не ве примат, ниту ве послушаат, излегувајќи оттаму, истресете го правот од своите нозе, за ним да им се посведочи. Вистина ви велам: полесно ќе им биде на Содом и на Гомор во судниот ден, отколку на тој град.“ 12 Тие појдоа и проповедаа покајание. 13 Изгонуваа многу демони, и многумина болни помазуваа со масло и лекуваа. Ирод и Исус ( Мт 14,1-2 ; Лк 9,7-9 ) 14 И царот Ирод слушна за Исус, зашто се прочу Неговото име, па рече: „Јован Крстител воскреснал од мртвите и затоа се случуваат чуда преку него.“ 15 Едни велеа: „Илија е!“, а други: „Пророк е, или како еден од пророците.“ 16 А Ирод, штом чу, рече: „Тоа е Јован, на кого јас му ја отсеков главата; тој воскреснал од мртвите!“ Смртта на Јован Крстител ( Мт 14,3-12 ; Лк 3,19-20 ) 17 Бидејќи самиот Ирод беше пратил да го фатат Јован, го врза и го фрли во затвор, поради Иродијада, жената на брат му Филип, со која Ирод се беше оженил. 18 Зашто Јован му велеше на Ирод: „Не ти е дозволено да ја имаш жената на твојот брат!“ 19 А Иродијада се озлоби против него и сакаше да го убие, но не можеше. 20 Зашто Ирод се плашеше од Јован, знаејќи дека тој е праведен и свет човек, и го штитеше; многу работи вршеше откако ќе го слушнеше, а со задоволство го слушаше. 21 И настана погоден ден кога Ирод, за својот роденден, им приготви вечера на своите кнезови, началници и галилејски старешини; 22 и влезе ќерката на Иродијада, играше и им угоди на Ирод и на гостите. Тогаш царот ѝ рече на девојката: „Барај од мене што сакаш и ќе ти дадам!“ 23 И ѝ се заколна: „Што и да побараш од мене, ќе ти дадам, дури и половината од моето царство.“ 24 А таа излезе и ја праша својата мајка: „Што да побарам?“ Таа ѝ одговори: „Главата на Јован Крстител!“ 25 И веднаш со брзање влезе кај царот и побара, говорејќи: „Сакам уште сега на чинија да ми ја дадеш главата на Јован Крстител!“ 26 Царот се натажи, но заради заклетвата и гостите не сакаше да откаже. 27 И царот веднаш испрати џелат и му нареди да ја донесат неговата глава. 28 А тој отиде во затворот, го обезглави и ја донесе неговата глава на чинија, па ѝ ја предаде на девојката, а девојката ја даде на својата мајка. 29 Кога неговите ученици слушнаа, дојдоа, го зедоа неговото тело и го положија во гроб. Исус нахранува пет илјади луѓе ( Мт 14,13-21 ; Лк 9,10-17 ; Јн 6,1-14 ) 30 И се собраа апостолите кај Исус, па Го известија за сѐ што направиле и поучувале. 31 А Тој им рече: „Дојдете вие самите во пусто место и одморете се малку.“ Зашто мнозина доаѓаа и си одеа, така што немаа време ни да јадат. 32 И отидоа со кораб во пусто место, насамо. 33 И народот ги виде кога си одеа; и мнозина Го познаа, па од сите градови пеш поитаа таму; и ги претекнаа и се собраа околу Него. 34 А Исус, излегувајќи, виде многу народ и се смилува над нив, зашто беа како овци без пастир; и почна да ги поучува за многу нешта. 35 И бидејќи веќе стана доцна, Неговите ученици пристапија кон Него и рекоа: „Местово е пусто, а и доцна е; 36 распушти ги за да отидат по околните села и населби и да си купат леб, зашто нема што да јадат.“ 37 Тој им одговори и рече: „Дајте им вие да јадат!“ А тие Му рекоа: „Да појдеме ли да купиме за двесте денарии леб, па да им дадеме да јадат?“ 38 Потоа Тој ги праша: „Колку лебови имате? Отидете и видете!“ И кога видоа рекоа: „Пет леба и две риби.“ 39 Тогаш Исус им рече на сите да седнат во групи по зелената трева. 40 И седнаа во групи по сто и по педесет. 41 Тој ги зеде петте леба и двете риби, погледна кон небото, ги благослови и ги раскрши лебовите, и им ги даде на Своите ученици, за да им ги стават пред нив; исто така им ги раздели и двете риби на сите. 42 И јадеа сите и се наситија. 43 И собраа дванаесет кошеви полни со парчиња од лебот и од рибите. 44 А оние што јадеа од лебовите, беа околу пет илјади мажи. Исус чекори по вода ( Мт 14,22-33 ; Јн 6,15-21 ) 45 И веднаш ги натера Своите ученици да влезат во коработ и да отидат пред Него на другата страна, кон Витсаида, додека Тој да го распушти народот. 46 А Тој, одделувајќи се од нив, отиде во гората за да се помоли. 47 Кога се стемни, коработ беше среде морето, а Тој сам на копното. 48 И ги виде како се мачат веслајќи, зашто ветрот беше спротивен; а околу четвртата ноќна стража дојде кај нив, одејќи по морето, и сакаше да ги одмине. 49 А тие, кога Го видоа како оди по морето, помислија дека тоа е привидение, и почнаа да викаат; 50 зашто сите Го видоа и се уплашија. Тој веднаш почна да говори со нив и им рече: „Бидете храбри! Јас сум, не плашете се!“ 51 И се качи кај нив во коработ и ветрот стивна. А тие беа силно запрепастени во себе и зачудени. 52 Зашто не го сфатија чудото со лебовите, бидејќи срцето им беше скаменето. 53 И кога преминаа, дојдоа во генисаретската земја и се задржаа таму. 54 А штом излегоа од коработ, веднаш Го познаа. 55 Брзо ја обиколија целата таа околија и почнаа на постела да ги носат болните таму каде што слушаа дека е Тој. 56 И каде и да влегуваше: во села, во градови или во населби – на крстопатите полагаа болни и Го молеа да се допрат барем до краевите од Неговата облека. И сите што се допираа до Него, оздравуваа. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2023
Macedonian Bible Society