Марко 4 - Нов превод на Новиот Завет 2023Парабола за сејачот ( Мт 13,1-9 ; Лк 8,4-8 ) 1 И Тој повторно почна да поучува покрај морето; и се собра околу Него многу народ, па Тој влезе во коработ и седеше во морето, а сиот народ стоеше на брегот, покрај морето. 2 И ги поучуваше многу со параболи, и во Своите поуки им велеше: 3 „Слушајте! Ете излезе еден сејач да сее; 4 и додека сееше, едни зрна паднаа покрај патот, па долетаа птиците и ги исколваа. 5 Други, пак, паднаа на каменито место, каде што немаше многу земја, и набргу никнаа, зашто земјата не беше длабока; 6 но штом изгреа сонцето, тие свенаа, па бидејќи немаа корен, се исушија. 7 Некои паднаа во трње; и израснаа трњата и ги задушија, и тие не дадоа плод. 8 Други паднаа на добра земја и почнаа да даваат плод, што израсна и узреа; и принесе: некое триесет, некое шеесет, некое сто.“ 9 И им рече: „Кој има уши да слуша, нека чуе!“ Зошто служат параболите? ( Мт 13,10-15 ; Лк 8,9-10 ) 10 А кога остана сам, оние што беа околу Него, заедно со дванаесеттемина, Го прашаа за параболите. 11 И Тој им кажа: „Вам ви е дадено да ја знаете тајната на царството Божјо, а на оние, надворешните, сѐ им се говори во параболи, 12 за да гледаат со очи и да не видат; да слушаат со уши и да не разбираат; за да не би се обратиле некогаш, па да им се простат гревовите.“ 13 И им рече: „Зар не ја разбирате оваа парабола? Како тогаш ќе ги разберете сите параболи? Објаснување на параболата за сејачот ( Мт 13,18-23 ; Лк 8,11-15 ) 14 Сејачот го сее словото. 15 Посеаното покрај патот се оние кај кои се сее словото, но кај кои, откако ќе го чујат, веднаш доаѓа сатаната и им го грабнува словото, посеано во нивните срца. 16 Исто така и посеаното на каменито место се оние кои, штом го чујат словото, веднаш со радост го примаат, 17 но немаат во себе корен и се непостојани; па, кога ќе настане мака или гонење заради словото, веднаш се соблазнуваат. 18 Посеаното во трње се оние што го слушаат словото, 19 но грижите за овој век и примамливоста на богатство и други желби влегуваат во нив, го задушуваат словото и тоа станува бесплодно. 20 А посеаните зрна на добра земја се оние што го слушаат словото и го примаат и донесуваат плод: едни триесет, други шеесет, а трети сто.“ Светило и мерка ( Мт 5,15 ; 10,26 ; Лк 6,38 ; 8,16-18 ; 11,33 ) 21 И им рече: „Зар светило се внесува за да се стави под поклопец или под кревет, а не за да се постави на светилник? 22 Зашто нема ништо тајно, што не ќе стане јавно; ниту, пак, има нешто сокриено, што нема да излезе на виделина. 23 Ако некој има уши да слуша, нека чуе!“ 24 И им велеше: „Внимавајте на она што го слушате: со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери, и ќе ви се придодаде, вам што слушате. 25 Зашто, кој има, нему ќе му се даде; а кој нема, од него ќе се одземе и она што го има.“ Парабола за посеаното семе 26 Па рече: „царството Божјо прилега на човек што фрлил семе в земја, 27 па спие и станува ноќе и дење; а како никнува и како расте семето, тој не знае. 28 Зашто земјата сама од себе донесува плод, најнапред стебленце, па клас, а потоа и полно зрно во класот. 29 А кога ќе узрее плодот, човекот веднаш се фаќа за срп, зашто дошло времето за жетва.“ Парабола за синаповото зрно ( Мт 13,31-32 ; Лк 13,18-19 ) 30 И уште рече: „Со што да го споредиме царството Божјо или со каква парабола да го прикажеме? 31 Тоа е како синапово зрно, кое, кога се сее в земја, е најмало од сите земни семиња; 32 а кога ќе се посее, израснува и станува поголемо од сите зеленчуци, и пушта големи гранки, така што под неговата сенка можат да се вгнездат небесните птици.“ Поучување со параболи ( Мт 13,34-35 ) 33 И со многу такви параболи им го проповедаше словото, колку што можеа да слушаат. 34 И без параболи не им говореше, но на Своите ученици, насамо, сѐ им објаснуваше. Исус стивнува бура ( Мт 8,23-27 ; Лк 8,22-25 ) 35 А вечерта, во истиот ден, им рече: „Да минеме на спротивната страна!“ 36 И кога го отпуштија народот, учениците Го зедоа со себе во коработ, така како што беше. А имаше и други кораби со нив. 37 И се подигна бурен ветер, и брановите префрлаа во коработ, така што тој веќе се полнеше. 38 Тој, пак, беше на кормилото и спиеше на перница; Го разбудија и Му рекоа: „Учителе, зар не Ти е грижа што загинуваме?“ 39 А Тој стана, му заповеда на ветрот и му рече на морето: „Замолкни, престани!“ И ветрот стивна, и настана голема тишина. 40 Па им рече: „Што сте толку плашливи? Зар немате вера?“ 41 И ги опфати голем страв, и си велеа еден на друг: „Кој ли е Овој, та и ветрот и морето Му се покоруваат?“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2023
Macedonian Bible Society