Марко 2 - Нов превод на Новиот Завет 2023Исус исцелува неподвижен човек ( Мт 9,1-8 ; Лк 5,17-26 ) 1 По неколку дена, Тој повторно дојде во Капернаум; и се расчу дека е во куќата. 2 Веднаш се собраа мнозина, така што немаше место ни пред вратата; а Тој им го проповедаше словото. 3 И дојдоа кај Него со еден неподвижен, кого го носеа четворица; 4 па, бидејќи не можеа да пријдат до Него од народот, го открија и го пробија покривот од куќата, каде што беше Тој, и ја спуштија постелата, на која лежеше неподвижниот. 5 А Исус, гледајќи ја нивната вера, му рече на неподвижниот: „Синко, ти се простуваат гревовите!“ 6 Таму седеа некои од книжниците и си помислија во своите срца: 7 „Зошто Овој такви хули изговара?! Кој може да простува гревови, освен единиот Бог?“ 8 Исус веднаш дозна со Својот дух дека тие така мислат во себе, па им рече: „Зошто го помислувате тоа во своите срца? 9 Што е полесно – да му кажам на неподвижниот: ’Ти се простуваат гревовите‘, или да кажам: ’Стани, земи си ја постелата и оди‘? 10 Но за да знаете дека Синот Човечки има власт да проштева гревови на земјата“ – му рече на неподвижниот – 11 „Тебе ти велам: стани, земи си ја постелата и оди си дома!“ 12 И тој веднаш стана, па, штом ја зеде постелата, излезе пред сите – така што сите се восхитуваа и Го славеа Бога, велејќи: „Никогаш вакво нешто не сме виделе!“ Исус го повикува Левиј и ги прифаќа грешниците ( Мт 9,9-13 ; Лк 5,27-32 ) 13 И Исус повторно излезе покрај морето, и сиот народ доаѓаше кај Него, и Тој ги поучуваше. 14 И минувајќи, го виде Левиј Алфеев, кој седеше на местото за прибирање данок, и му рече: „Врви по Мене!“ И тој стана и тргна по Него. 15 А кога Исус седеше на трпезата во неговата куќа, заедно со Него седеа и Неговите ученици и многу даночници и грешници; зашто тие беа мнозина и врвеа по Него. 16 Книжниците и фарисеите, штом Го видоа како јаде со даночници и грешници, им рекоа на Неговите ученици: „Зошто Тој јаде и пие со даночници и со грешници?“ 17 Кога го чу тоа Исус, им рече: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните. Не сум дошол да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание.“ За постот. Старото и новото ( Мт 9,14-17 ; Лк 5,33-39 ) 18 Учениците на Јован и на фарисеите постеа. И дојдоа некои, па Му велеа: „Зошто учениците на Јован и на фарисеите постат, а Твоите ученици не постат?“ 19 Исус им рече: „Зар можат сватовите да постат кога младоженецот е со нив!? Додека е со нив младоженецот, тие не можат да постат; 20 но ќе дојдат денови, кога ќе им го одземат младоженецот и тогаш, во тие денови, и тие ќе постат. 21 Никој не крпи ново парче ткаенина врз стара облека; инаку, нејзиното ново парче ќе се откине од старото и отворот ќе биде уште поголем. 22 И никој не става ново вино во стари мевови; инаку, новото вино ќе ги расцепи мевовите и виното ќе истече, а мевовите ќе се упропастат; туку ново вино се става во нови мевови.“ За саботниот ден ( Мт 12,1-8 ; Лк 6,1-5 ) 23 И се случи во саботен ден да минува преку нивите, и врвејќи, Неговите ученици почнаа да кинат класје. 24 А фарисеите Му рекоа: „Гледај, зошто го прават во сабота тоа што не е допуштено?“ 25 Но Тој им рече: „Зар никогаш не сте читале што направи Давид, кога имаше потреба и огладне тој и оние што беа со него? 26 Како, во времето на првосвештеникот Авијатар, влезе во Божјиот дом и ги изеде лебовите на предложението, што не смееше да ги јаде никој друг освен свештениците, па им даде и на оние што беа со него!“ 27 Потоа продолжи: „Саботата е создадена за човекот, а не човекот за саботата. 28 Па така, Синот Човечки е господар и на саботата.“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2023
Macedonian Bible Society