Online Bible

- Reklamy -

Лука 1 - Нов превод на Новиот Завет 2023


Предговор и посвета

1 Бидејќи мнозина се обидоа да состават повест за настаните што се беа случиле меѓу нас,

2 како што ни ги предадоа оние што уште од почетокот беа очевидци и слу­жители на Словото,

3 затоа, најпочитуван Теофиле, и мене ми се виде добро, откако испитав подробно сѐ од почетокот, да ти опишам по ред,

4 за да ја познаеш веродостојноста на тоа, во кое си поучуван.


Ангел го објавува раѓањето на Јован Крстител

5 Во деновите на Ирод, јудејскиот цар, имаше еден свештеник по име За­ха­рија, од редот на Авија; а жена му беше од Ароновите ќерки и се викаше Ели­са­вета.

6 И обајцата беа праведни пред Бога, постапувајќи беспрекорно според сите Господови заповеди и повелби.

7 Тие немаа деца, зашто Елисавета бе­ше неплодна; а обајцата беа веќе во поод­ми­нати години.

8 Еднаш, додека тој по редот на својот чин служеше пред Бога,

9 според обичајот на свештенството, нему му се падна ждрепката да влезе во Господовиот храм и да покади.

10 За време на кадењето целото мноштво народ се молеше надвор.

11 Тогаш му се јави ангел Господов, кој стоеше од десната страна на кадилниот жртвеник.

12 Захарија се вознемири кога го виде и страв го обзеде.

13 Но ангелот му рече: „Не плаши се, Захарија, зашто твојата молба е ус­ли­шана и жена ти Елисавета ќе ти роди син и ќе му дадеш име Јован.

14 И ќе ти биде радост и веселие и мно­зина ќе се зарадуваат поради негово­то ра­ѓање.

15 Зашто тој ќе биде велик пред Гос­под и нема да пие вино ниту жесток пијалак, а ќе се исполни со Светиот Дух уште во утробата на својата мајка;

16 и мнозина од Израилевите синови ќе обрати кон нивниот Господ Бог;

17 и тој ќе оди пред Него во духот и си­лата на Илија, за да ги сврти срцата на татковците кон децата и непокорни­те кон мудроста на праведните, па да Му приготви на Господа подготвен народ.“

18 А Захарија му рече на ангелот: „По што ќе го познам тоа? Зашто јас сум стар, а и жена ми е веќе во поодминати години.“

19 Ангелот му одговори и рече: „Јас сум Гаврил кој стои пред Бога; пратен сум да зборувам со тебе и да ти го благовестам ова;

20 и ете, ти ќе замолкнеш и не ќе можеш да зборуваш до оној ден кога ќе се случи тоа, затоа што не им поверува на моите зборови, што ќе се исполнат во свое време.“

21 Народот го чекаше Захарија и се чудеше зошто се задржа во храмот.

22 А кога излезе, не можеше да зборува со нив; и така разбраа дека имал ви­дение во храмот. Тој им објаснуваше со знаци, но остануваше нем.

23 И откако се исполнија деновите на него­ва­та служба, тој се врати дома.

24 По тие денови зачна неговата жена Елисавета и криеше пет месеци, велејќи:

25 „Така ми направи Господ во дено­ви­те кога погледна милостиво на мене за да го отстрани мојот срам меѓу луѓето.“


Ангел Господов го објавува скорото Исусово раѓање

26 А во шестиот месец ангелот Гаврил беше испратен од Бога во галилејскиот град, по име Назарет,

27 кај една девојка, свршена за маж по име Јосиф, од Давидовиот дом; а името на девојката беше Марија.

28 И кога дојде ангелот кај неа, рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!“

29 А таа, штом го виде, се вознемири од неговите зборови и размислуваше каков ли е тој поздрав.

30 И ангелот ѝ рече: „Не плаши се, Марија, зашто си нашла благодат во Бога;

31 и ете, ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе Му дадеш име Исус.

32 Тој ќе биде велик и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давид;

33 и ќе царува над Јакововиот дом довека и Неговото царство нема да има крај.“

34 А Марија му рече на ангелот: „Ка­ко ќе биде тоа кога јас не знам за маж?“

35 Ангелот ѝ одговори и рече: „Све­ти­от Дух ќе слезе врз тебе и силата на Се­вишниот ќе те осени; па затоа и Светиот, Кој ќе се роди, ќе се нарече Син Божји.

36 Ете и Елисавета, твојата роднина, за која велат дека е неплодна, и таа зачна син во староста и веќе е во шестиот месец;

37 зашто за Бога ништо не е невозможно.“

38 Марија, пак, рече: „Еве ја Господовата слугинка; нека ми биде според твоите збо­рови!“ И ангелот си отиде откај неа.


Марија во посета кај Елисавета

39 Во тие денови Марија стана и поита во горскиот крај, во Јудиниот град;

40 па влезе во домот на Захарија и ја поздрави Елисавета.

41 Штом Елисавета го слушна поздра­вот на Марија, детето заигра во нејзината утроба; и Елисавета се исполни со Светиот Дух,

42 па извика со силен глас и рече: „Бла­гос­ло­вена си ти меѓу жените и благословен е плодот на твојата утроба!

43 И од каде кај мене ова, да дојде при мене мајката на мојот Господ?

44 Зашто, ете, штом гласот од твојот поздрав дојде до моите уши, детето радосно заигра во мојата утроба.

45 И блажена е таа што поверува дека ќе се исполни она што ѝ е кажано од Господ.“

46 А Марија рече: „Мојата душа Го ве­лича Господ

47 и мојот дух се зарадува во Бога, мојот Спасител,

48 зашто погледна на смиреноста на Својата слугинка и, ете, отсега ќе ме нарекуваат блажена сите поколенија;

49 зашто Силниот ми направи големи дела, и свето е Неговото име;

50 и Неговата милост е од поколение на поколение за оние што се бојат од Него.

51 Тој покажа сила со Својата рака; ги распрсна оние што се гордеат со мислите на своите срца;

52 ги симна силните од престоли и ги воздигна смирените;

53 гладните ги исполни со добра, а бо­гатите ги отпушти празни;

54 го прифати Израил, Својот слуга, сеќавајќи се на милоста,

55 како што им зборуваше на нашите тат­ков­ци, на Авраам и на неговото потомство довека.“

56 И остана Марија со неа околу три месеци, па се врати дома.


Раѓањето и обрезанието на Јован Крстител

57 А на Елисавета ѝ дојде времето да роди, и таа роди син.

58 Кога нејзините соседи и роднини слушнаа дека Господ ја удос­тоил со Својата милост, се ра­дуваа со неа.

59 На осмиот ден дојдоа да го обрезат детето и сакаа да му го дадат името Захарија, по татко му.

60 Но мајка му одговори и рече: „Не, туку ќе се вика Јован!“

61 И ѝ рекоа: „Никој нема меѓу твоите роднини кој го носи тоа име.“

62 И го прашаа со знаци татко му, ка­ко би сакал да го наречат.

63 Тој побара штичка и ги напиша збо­ровите: „Јован му е името.“ И сите се зачудија.

64 И веднаш му се отвори устата, и јазикот му се раврза, и тој прозборе, благословувајќи Го Бога.

65 И сите соседи ги обзеде страв; и се разгласи за овој настан по це­лата горска Јудеја.

66 Сите што слушнаа, го зедоа тоа при срце и велеа: „Што ли ќе стане од тоа дете?“ И Господовата рака беше со не­го.


Благодарствената пророчка песна на пророкот Захарија

67 А татко му Захарија се исполни со Светиот Дух и пророкуваше, говорејќи:

68 „Нека е благословен Господ, Израилевиот Бог, зашто го посети и го избави Својот на­род;

69 и подигна за нас моќно спасение, во домот на Својот слуга Давид;

70 како што говореше одамна преку устата на Своите свети пророци,

71 дека ќе нѐ спаси од нашите непријатели и од рацете на сите што нѐ мра­зат;

72 за да покаже милост над нашите тат­ков­ци и да си спомне за Својот свет завет,

73 на заклетвата со која му се заколна на нашиот татко Авраам, дека ќе ни даде

74 избавување од рацете на нашите неприја­тели, без страв да Му служиме

75 во светост и правда пред Него, во сите денови од нашиот живот.

76 А ти, дете, ќе се на­ре­чеш пророк на Севишниот, зашто ќе одиш пред Господовото лице за да Му ги подгот­виш Неговите патишта

77 и да му дадеш на Неговиот народ да го познае спасението преку простува­ње на гревовите,

78 а поради големото милосрдие на на­шиот Бог, со кое нѐ посети Исток од виси­ни­те,

79 за да им блесне на оние што седат во темнина и во сенката на смртта, и да ги упати нашите нозе по патот на мирот.“

80 А детето растеше и крепнеше со духот, и беше во пустина до денот кога се покажа пред Израил.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2023

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy