Online Bible

- Reklamy -

Јаков 5 - Нов превод на Новиот Завет 2023


Предупредување до богатите

1 Дојдете сега вие, богатите, плачете и липајте над маките што идат на вас.

2 Вашето богатство изгни, а вашите алишта ги изгризаа молци.

3 Вашите злато и сребро за'рѓаа, и нивната 'рѓа ќе биде сведоштво против вас и ќе го изеде вашето тело како оган! Сте насобрале богатство за пос­ледните денови.

4 Ете, платата што сте ја задржале од работниците што жнееле на вашите ниви, вика, и извиците на жетварите дојдоа до ушите на Господ Саваот.

5 Се веселевте на земјата и се насладувавте, сте ги угоиле вашите срца како за ден на колење.

6 Го осудивте, Го убивте Праведниот; и Тој не ви се спротивставуваше.


Трпение и молитва

7 И така, браќа, бидете трпеливи до доаѓањето на Господ! Ете, земјоделецот го исчекува драгоцениот плод од земјата, трпејќи за него, додека не добие ран и доцен дожд.

8 Па и вие бидете трпеливи, укрепете ги своите срца, зашто доаѓањето на Господ се приближи.

9 Браќа, не роптајте еден против друг, за да не бидете осудени: ете, Суди­јата стои пред вратата.

10 Браќа, како пример на страдања и долготрпенија земете ги пророците што зборуваа во името на Господа.

11 Ете, блажени се оние што истрајаа. Сте слушнале за трпението на Јов и знаете каков крај му даде Господ, затоа што Господ е многумилостив и сострадален.

12 А пред сѐ, браќа мои, не колнете се ни во небото, ни во земјата, ниту пак со некоја друга заклетва. И вашето „да“ да биде да и вашето „не“ – не, за да не паднете под суд!

13 Ако некој од вас страда, нека се моли; весел ли е, нека Го фали Господа!

14 Болен ли е некој меѓу вас, нека ги повика црковните презвитери и нека се помолат над него, помазувајќи го со масло во името на Господа.

15 И молитвата, која е со вера, ќе го исцели болниот, и Господ ќе го подигне; и ако направил грево­ви, ќе му се простат.

16 Исповедајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг за да се исцелите. Голема сила има усрдната молитва на праведникот.

17 Илија беше човек со иста природа како нас; и усрдно Му се помоли на Бога да не врне, и не заврна на земјата три години и шест месеци.

18 И пак се помоли, па небото даде дожд и земјата го даде својот плод.


Поврати ги отклонетите

19 Браќа, ако некој од вас се отклони од вистината, и ако некој друг го пов­ра­ти,

20 тој нека знае дека оној што обратил грешник од лажлив пат, тој ќе спаси една ду­ша од смрт и ќе покрие многу грево­ви. Амин!

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2023

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy