Online Bible

- Reklamy -

Јаков 4 - Нов превод на Новиот Завет 2023


Против неслогата

1 Од каде се борбите и расправиите меѓу вас? Зар не од вашите сладострастија, што војуваат во вашите органи?

2 Посакувате и немате; убивате и завидувате, и не можете да добиете; се борите и војувате, а немате, бидејќи не барате.

3 А и кога барате, не добивате, зашто лошо барате, за да го трошите на вашите сладострастија.

4 Прељубници и прељубнички, не знаете ли дека пријателството со светот е непријателство со Бога? Оној што сака да му е пријател на светот, Му станува непријател на Бога.

5 Или, пак, мислите дека Писмото напразно вели: „Тој со ревност го љуби духот што го вселил во нас.“

6 Но Тој дава поголема благодат; за­тоа е речено: „Бог се противи на горде­ли­вите, а на смирените им дава благодат.“

7 Па затоа, покорете Му се на Бога; а спротивставете му се на ѓаволот, и тој ќе побегне од вас.

8 Приближете се кон Бога, и Тој ќе се приближи кон вас; исчистете ги рацете, вие грешните, осветете ги своите срца, вие колебливите!

9 Тагувајте, плачете и липај­те: вашата смеа нека се претвори во плач, а радоста во тага!

10 Понизете се пред Господ и Тој ќе ве воздигне!


Кој си ти да го судиш ближниот?

11 Не клеветете се еден со друг, браќа: зашто, кој го клевети својот брат или го суди, тој го клевети Законот и го суди Законот. А ако, пак, го судиш Законот, тогаш ти не си извршител на Законот, туку судија.

12 Еден е Законодавецот и Судијата, Кој може да спаси и да погуби: а кој си ти да му судиш на другиот?


Лоша самодоверба

13 Слушајте сега вие, кои велите: „Денес или утре ќе одиме во оној град и таму ќе останеме една година, ќе тр­гуваме и ќе спечалиме“,

14 а не знаете што ќе стане ут­ре. Што е вашиот живот? Тој е пареа, која се појавува за кратко време, па ис­чезнува.

15 Место да велите: „Ако Господ сака да бидеме живи, ќе го направиме и ова и тоа.“

16 А сега се фалите со својата надменост. Секоја таква фалба е зла.

17 И така, ако некој знае да прави добро, а не го прави, тој прави грев.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2023

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy