Јаков 2 - Нов превод на Новиот Завет 2023Верата е непристрасна 1 Браќа мои, држете се за верата во Исус Христос, нашиот Господ на славата, без да бидете пристрасни. 2 Зашто, ако во вашето собрание влезе човек со златен прстен и раскошни алишта, а влезе и сиромав во валкани алишта, 3 па се загледате во оној што носи раскошни алишта и му речете: „Ти седни овде на убаво место!“, а на сиромашниот му речете: „Ти стој таму!“, или: „Седни овде, крај моето подножје!“, 4 зарем со тоа не правите разлика помеѓу нив и не станувате ли пристрасни судии? 5 Слушнете, возљубени мои браќа: не ги избра ли Бог сиромашните од овој свет за да бидат богати во верата и наследници на царството, ветено од Него на оние кои Го љубат? 6 А вие го посрамивте сиромавиот! Нели богатите ве угнетуваат и ве влечат по судови? 7 Нели тие хулат на вашето добро име, со кое се нарекувате? 8 Ако го исполнувате царскиот закон според Писмото: „Возљуби го ближниот како себеси“ – добро правите. 9 Но, ако сте пристрасни, правите грев и Законот ве осудува како престапници. 10 Зашто оној што го запазил целиот Закон, а згрешил само во едно, бидува виновен за сѐ. 11 Бидејќи Оној што рекол: „Не прави прељуба!“, рекол и: „Не убивај!“ Ако, пак, не вршиш прељуба, а убиеш, стануваш престапник на Законот. 12 Така зборувајте и така постапувајте, како луѓе што ќе бидат судени според законот на слободата. 13 Зашто судот ќе биде безмилосен кон оној кој не покажува милост. Милоста торжествува над судот. Без дела верата е мртва 14 Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а нема дела? Може ли таквата вера да го спаси? 15 Ако некој брат или некоја сестра се голи и секој ден страдаат за храна, 16 па некој од вас им рече: „Одете си со мир, згрејте се и наситете се!“, а не им го даде она што е потребно за телото – каква е ползата од тоа? 17 Така е и со верата, ако нема дела, сама по себе е мртва. 18 Но може некој да рече: „Ти имаш вера, а јас имам дела“. Покажи ми ја својата вера без дела, а јас преку моите дела ќе ти ја покажам мојата вера. 19 Ти веруваш дека Бог е еден – добро правиш; но и демоните веруваат и треперат. 20 Дали сакаш да разбереш, о суетен човеку, дека верата без дела е мртва? 21 Нели со дела беше оправдан нашиот татко Авраам, откако врз жртвеникот го положи својот син Исак? 22 Гледаш ли дека неговата вера содејствуваше заедно со неговите дела, и дека преку делата, верата се усовршуваше? 23 И се исполни Писмото, кое вели: „Авраам Му поверува на Бога, и тоа му се сметаше за праведност“, и тој се нарече Божји пријател. 24 Гледате дека човекот се оправдува со дела, а не само со вера. 25 Исто така, зарем со дела не се оправда и блудницата Раав, кога ги прими извидувачите и ги изведе по друг пат? 26 Бидејќи, како што телото без дух е мртво, така и верата без дела е мртва. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2023
Macedonian Bible Society