Евреите 8 - Нов превод на Новиот Завет 2023Исус е нашиот Првосвештеник 1 А најважното од ова што го зборуваме е дека имаме таков Првосвештеник, Кој седна од десната страна на престолот на Величието на небесата, 2 и е служител на светилиштето и на вистинската скинија, која ја постави Господ, а не човек. 3 Бидејќи секој првосвештеник се поставува за да принесува дарови и жртви; затоа беше потребно и Тој да има што да принесе. 4 Зашто, ако Тој беше на земјата, не би бил ни свештеник, зашто има свештеници што принесуваат дарови според Законот 5 и му служат на она што е само слика и сенка на небесните работи, како што му беше укажано на Мојсеј од Бога, кога ја подигаше скинијата: „Гледај, рече, да направиш сѐ според образецот, што ти беше покажан на гората.“ 6 А сега Тој доби толку подобра служба, колку што и заветот на којшто е посредник е подобар, зашто е утврден врз подобри ветувања. Промена на заветот 7 Зашто, ако првиот завет беше без недостаток, тогаш немаше да има простор за втор. 8 Но, укорувајќи ги, вели: „Ете доаѓаат денови, вели Господ, и ќе склучам нов завет со Израилевиот дом и со Јудиниот дом, 9 но не таков завет каков што склучив со нивните татковци во денот, кога ги фатив за рака за да ги изведам од египетската земја, – зашто тие не останаа во Мојот завет и Јас ги оставив, вели Господ. 10 Бидејќи ова е заветот што ќе му го дадам на Израилевиот дом во оние денови, вели Господ: ќе ги врежам Своите закони во нивните мисли, и на нивните срца ќе ги напишам, и ќе бидам нивен Бог, а тие ќе бидат Мој народ. 11 И никој веќе нема да го учи својот ближен, и никој својот брат, велејќи: ’Познај Го Господ‘, зашто сите, од мал до голем меѓу нив, ќе Ме знаат, 12 бидејќи ќе бидам милостив кон нивните неправди, а за нивните гревови и беззаконијата нема веќе да си спомнувам.“ 13 А кога вели „нов завет“, првиот го прогласува за застарен; а она што е изветвено и остарено, е близу до исчезнување. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2023
Macedonian Bible Society