Online Bible

- Reklamy -

Евреите 7 - Нов превод на Новиот Завет 2023


Свештеникот Мелхиседек

1 Зашто овој Мелхиседек, цар салимски, свештеник на Севишниот Бог, кој го пресретна Авраам, кога овој се враќаше од победата над царевите, и го благослови,

2 и кому Авраам му даде десеток од сѐ, – тој по значењето на неговото име е прво цар на правдата, а потоа и цар на Салим, односно цар на мирот.

3 Без татко, без мајка, без родословие, немајќи ниту почеток на деновите, ниту крај на жи­вотот и како подобен на Синот Божји, тој останува свеш­теник засекогаш.

4 Видете колку е велик оној кому патријархот Авраам му даде десеток од најдобриот плен!

5 Оние од Левиевите синови, што примаат свештенство, имаат заповед по Законот да земаат десеток од народот, односно од своите браќа, иако и тие произлегле од Авраамовите бедра.

6 Но тој, кој не му припаѓаше на нивниот род, зеде десеток од Авраам и го благослови оној што беше примил ветувања.

7 А неоспорно е дека помалиот се благословува од поголе­ми­от.

8 Така, овде смртни луѓе земаат десетоци, а таму – Оној, за Кого има све­доштво дека е жив.

9 И, така да речам, Левиј, кој прима десеток, и сам даде десеток преку Авраам,

10 бидејќи уште беше во бедрата на својот татко кога Мелхиседек го сретна.

11 Па така, ако совршенство можеше да се постигне преку левитското свеш­тенство, бидејќи врз основа на него на­ро­дот доби Закон, тогаш зошто беше потребно да се воздигне друг свештеник, по чинот Мелхиседеков, и да не се нарекува по чинот Аронов?

12 Зашто, ако се промени свештенството, тогаш се јавува потреба да се измени и Законот.

13 А Оној за Кого се зборува ова, му припаѓа на друго племе, од кое никој не беше пристапувал до жртвеникот;

14 зашто е познато дека нашиот Господ произлезе од Јуда, а за свештенството од ова племе Мојсеј ништо не рекол.


Друг свештеник како Мелхиседек

15 Тоа станува уште појасно кога се воздига друг свештеник, сличен на Мелхиседек,

16 Кој станал таков не по силата на те­лесната заповед, туку по силата на неуништливиот живот.

17 Бидејќи е посведочено: „Ти си свештеник довека, по чинот Мелхиседеков.“

18 А поранешната заповед се укинува поради нејзината слабост и бесполезност,

19 зашто Законот ништо не доведе до совршенство, па се воведува подобра на­деж, преку која се приближуваме до Бога.

20 Тоа беше потврдено со заклетва. Зашто оние беа станале свештеници без заклетва,

21 а Тој – со заклетва, преку Оној што Му рече: „Се заколна Господ и нема да се раскае: ’Ти си свештеник довека, по чинот Мелхиседеков.‘“

22 Затоа Исус стана залог на толку подобар завет.

23 А тие беа многу свештеници, зашто смртта не им даваше да остане само еден;

24 а Тој, бидејќи живее довека, има свештенство што не изминува.

25 Затоа Тој и може совршено да ги спаси оние што преку Него доаѓаат кон Бога, бидејќи е секогаш жив за да се застапува за нив.

26 Таков Првосвештеник и ни тре­ба­ше: свет, незлобив, неосквернет, од­во­ен од грешните и Кој стана повозвишен од небесата.

27 Кој нема потреба, како другите првосвештеници, секојдневно да принесува жртва прво за своите гревови, а потоа и за оние на народот, бидејќи Тој го изврши тоа еднаш засекогаш, принесувајќи се Самиот Себеси.

28 Зашто Законот за првосвештеници поставува луѓе што се немоќни; а сло­вото на заклетвата што е по Законот, го поставува Синот, Кој е совршен довека.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2023

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy