Евреите 5 - Нов превод на Новиот Завет 2023Христос е вистински Првосвештеник, поголем од Арон 1 Зашто секој првосвештеник, кој се избира од луѓе, се поставува за луѓето – да служи пред Бога, да принесува дарови и жртви за гревовите, 2 и да може да сочувствува со оние кои се во незнаење и заблуда, бидејќи и самиот е подложен на слабости; 3 и затоа е должен да принесува жртви за гревовите, како за народот, така и за своите. 4 И никој врз себеси не ја прима таквата чест, освен оној кој е повикан од Бога, како што беше Арон. 5 Така и Христос не се прослави Самиот Себеси, станувајќи првосвештеник, туку Го прослави Оној што Му рече: „Ти си Мој Син, Јас денес Те родив.“ 6 Како што и на друго место вели: „Ти си свештеник довека, по чинот Мелхиседеков.“ 7 Во деновите на Својот земен живот, Тој со силен вик и солзи упати молби и молитви кон Оној што можеше да Го спаси од смртта, и поради Својата благобојазливост беше услишан. 8 Иако беше Син, Тој се научи на послушност од она што го пострада, 9 а, откако се усоврши, стана причина за вечно спасение на сите кои Му се послушни, 10 и од Бога беше наречен Првосвештеник по чинот Мелхиседеков. Да останеме во верата 11 За ова би имале многу да ви зборуваме, што е тешко да се протолкува, бидејќи сте станале мрзливи за слушање. 12 Зашто, иако според годините требаше веќе да бидете учители, вие сѐ уште имате потреба некој да ве учи на првите начела на словото Божјо и дојдовте до таква состојба, што имате потреба од млеко, а не од тврда храна. 13 Секој што се храни со млеко, е невешт во словото на правдата, бидејќи е дете; 14 а тврдата храна е за совршените, кои преку подвигот ги извежбале чувствата за разликување на доброто од злото. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2023
Macedonian Bible Society