Online Bible

- Reklamy -

Евреите 4 - Нов превод на Новиот Завет 2023

1 Па така, додека уште важи ветувањето за влегување во Неговиот спокој, да пазиме да не помисли некој од вас дека задоцнил.

2 Зашто и нам ни беше благовестено, како и ним. Но словото, што го беа чуле, не им донесе полза, бидејќи кај оние што го беа чуле, тоа не се соедини со верата.

3 А ние, кои поверувавме, влегуваме во Неговиот спокој, како што рекол Тој: „Па така, во Својот гнев се заколнав дека нема да влезат во Мојот спо­кој“, иако Неговите дела беа завршени уште од создавањето на светот.

4 Зашто некаде за седмиот ден е речено вака: „И во седмиот ден Бог се одмори од сите Свои дела.“

5 И пак на тоа место: „Нема да влезат во Мојот спокој.“

6 И така, бидејќи на некои им останува да влезат во него, а оние, на кои порано им беше проповедано благовестието, не влегоа поради непослушност,

7 затоа Тој повторно определи еден ден – „денес“, велејќи преку Давид, по толку време, како што е речено погоре: „Де­нес, кога ќе го чуете Неговиот глас, не закоравувајте ги вашите срца.“

8 Зашто, ако Исус Навин им беше дал спокој, Бог по­тоа веќе немаше да зборува за друг ден.

9 Затоа, за Божјиот народ сѐ уште ос­та­нува саботна починка.

10 Зашто, оној што ќе влезе во Не­говиот спокој, тој ќе се одмора од своите дела, ка­ко и Бог од Своите.

11 И така, да се погрижиме да влеземе во тој спокој, та никој да не падне во слична непослушност.

12 Зашто, словото Божјо е живо и делотворно, поостро од секаков меч со две острици и навлегува до разделување на душата и духот, до зглобовите и сржта, и ги проценува мислите и намерите на срцето.

13 И нема создание невидливо за Него, туку сѐ е голо и разоткриено за очите на Оној пред Кого ние ќе одговараме.


Исус е нашиот Првосвештеник

14 Така, имајќи велик Првосвеште­ник Кој преминал преку небесата, Исус, Синот Божји, ние треба да се држиме за исповедањето на верата.

15 Зашто, ние немаме Прво­свештеник што не може да сочувствува во нашите слабости, туку таков Кој беше искушуван во сѐ – слично на нас – освен во грев.

16 И така, смело да пристапуваме кон престолот на благодатта, за да при­миме милост и да најдеме благодат за благовремена помош.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2023

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy