Online Bible

- Reklamy -

Евреите 2 - Нов превод на Новиот Завет 2023


Нашето спасение

1 Затоа треба особено да внима­ваме на она што го чувме, за да не застраниме.

2 Зашто, ако словото изречено преку ангелите се покажа верно, и ако секој престап и секоја непослушност прими праведна казна,

3 како ли тогаш ќе се извлечеме ако занемариме толку големо спасение кое својот почеток го имаше во проповедта Господова, а ни се потврди од оние што го беа чуле од Него,

4 и кое Бог им го посведочи со знаци и чуда, со разни силни де­ла и со раздавање дарови преку Светиот Дух по Своја волја.


Предводникот на нашето спасение

5 Бидејќи идниот свет, за кој зборуваме, Тој не го потчини на ангели

6 туку, напротив – некој некаде посведочил велејќи: „Што е човекот, та да си спомнуваш за него, или синот човечки, та да се грижиш за него?

7 Си го направил само за малку по­мал од ангелите, но со слава и чест си го овенчал;

8 сѐ си потчинил под неговите нозе.“ А кога сѐ му потчини, ништо не му ос­тави непотчинето; но сега уште не гле­даме дека сѐ му е потчинето.

9 А гледаме дека Исус, Кој само за малку беше поставен пониско од ангелите, поради страдањето до смрт беше овенчан со слава и чест, за, по Божјата благодат, Тој да вкуси смрт за сите.

10 Зашто Нему, поради Кого е сѐ и низ Кого е сѐ, откако многу синови приведе во слава, Му прилегаше преку страдања да Го направи совршен За­четникот на нивното спасение.

11 Бидејќи и Оној што осветува, и оние што се осветуваат, сите се од Еден; и за­тоа Исус не се срами да ги нарече браќа,

12 велејќи: „Ќе го возвестам Твоето име меѓу Моите браќа, среде соборот ќе Те славам.“

13 И пак: „Јас ќе се надевам на Него.“ И одново: „Ете Ме Мене и децата Мои што Ми ги даде Бог.“

14 А бидејќи децата се учесници во телото и крвта, така и Тој зеде учество во тоа, та преку смртта да го победи оној што ја има власта над смртта, односно ѓаволот;

15 па да ги ослободи оние што од страв пред смртта преку целиот живот беа подложени на ропство.

16 Зашто јасно е дека Тој не дојде да им помогне на ангелите, туку на Авра­амовото потомство;

17 затоа Тој мораше во сѐ да биде сличен на браќата, па да биде милостив и верен првосвештеник пред Бога, за да ги очисти гревовите на народот.

18 Зашто во она во што и Самиот пострада кога беше искушуван, во тоа може да им помогне на искушуваните.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2023

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy