Online Bible

- Reklamy -

Евреите 10 - Нов превод на Новиот Завет 2023


Силата на жртвата Христова

1 Бидејќи Законот ја има само сенката на идните добра, а не нивниот вистински лик, никогаш не мо­же со оние исти жртви, што се принесуваат секоја година, да ги усоврши оние кои пристапуваат.

2 Инаку, зар не би престанале да се принесуваат, бидејќи оние што служат, еднаш очистени, не би имале веќе никакво сознание за гревовите.

3 Но преку жртвите секоја година се потсетуваат на гревовите,

4 бидејќи јунешката и јарешката крв не може да ги отпушти гревовите.

5 Затоа, влегувајќи во светот, Христос вели: „Жртви и дарови Ти не посака, а тело Ми приготви.

6 Сепаленици и жртви за гревот не Ти се угодни.“

7 Тогаш реков: „Ете, доаѓам – напишано е за Мене во поглавјето на книгата – да ја извршам, Боже, Твојата волја.“

8 Кога погоре рече: „Жртви и принос и сепаленици за гревот – што се принесуваат според Законот, Ти не посака и не Ти се угодни“,

9 а потоа рече: „Ете, доаѓам, Боже, да ја извршам Твојата волја“, со тоа Тој го укинува првото, за да го воспостави второто.

10 Според таа волја сме осветени со приносот на телото на Исус Христос еднаш засекогаш.

11 И секој свештеник стои секој ден, служејќи и многупати принесувајќи ги истите жртви, кои никогаш не можат да ги отстранат гревовите;

12 а Тој, принесувајќи само една жртва за гревовите, засекогаш седна оддесно на Бога,

13 и оттогаш чека сѐ додека Неговите непријатели не бидат поло­же­ни како подножје на Неговите нозе.

14 Зашто преку еден принос Тој осветените ги направи засекогаш совр­шени.

15 И Светиот Дух ни посведочи, заш­то, откако порано рече:

16 „Ова е заветот што ќе им го ветам по оние денови, вели Господ: Моите закони ќе ги ставам во нивните срца, и во нивните мисли ќе ги напишам.“ Тој додава:

17 „И за нивните гревови и беззаконија нема веќе да си спомнувам.“

18 А каде има простување за нив, таму веќе нема принос за грев.


Да Му пристапиме на Бога

19 И така, браќа, штом имаме слобода да влегуваме во светилиштето преку крвта на Исус,

20 по нов и жив пат, што Тој ни го отвори низ завесата, односно преку Своето тело,

21 и бидејќи имаме велик Свештеник над Божјиот дом,

22 да пристапиме со искрено срце, во полна вера, откако ќе ги очис­тиме срцата од зла совест со попрскување и откако ќе го измиеме телото со чиста вода.

23 И цврсто да го држиме исповеданието на нашата надеж, зашто верен е Оној што го даде ветувањето.

24 И да бидеме внимателни еден кон друг за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела,

25 не изостанувајќи од нашите заеднички собири како што некои имаат обичај, туку да се бодриме еден со друг, и тоа толку повеќе, колку што гледате дека се приближува Денот.

26 Зашто, ако своеволно продолжуваме да грешиме откако ја познавме вистината, тогаш нема веќе жртва за гревови,

27 туку страшно очекување на суд и јаростен оган што ќе ги проголта противниците.

28 Ако оној што го прекршил Мој­се­евиот Закон, доколку има двајца или тројца сведоци, безмилосно се казнува со смрт,

29 тогаш, колку потешка казна, мислите, дека ќе заслужи оној што Го пога­зил Синот Божји и ја осквернил крвта на заветот, преку која е осветен, и Го навредил Духот на благодатта?

30 Зашто ние Го знаеме Оној што ре­кол: „Одмаздата е Моја, Јас ќе наплатам“, вели Господ. И уште: „Господ ќе му суди на Својот народ.“

31 Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог!

32 Но помнете ги вашите пора­нешни денови кога, откако се просветивте, претрпевте голема борба во стра­дањата,

33 било затоа што бевте јавно изложени на срам и маки, било затоа што станавте соучесници на оние кои така стра­даа.

34 Зашто вие и на моите окови се сожа­лив­те и со радост дозволивте вашиот имот да се разграби, знаејќи дека на небесата имате подобар и траен имот за себеси.

35 И така, не напуштајте ја вашата смелост; таа ви носи голема награда.

36 Вам ви е потребно трпение, па, откако ќе ја исполните Бож­јата волја, да го добиете ветеното;

37 зашто уште малку, сосем малку, и „Оној што доаѓа, ќе дојде и нема да задоцни.

38 А праведниот ќе живее преку верата; но ако отстапи нема да ѝ е мил на Мојата душа.“

39 Ние, пак, не сме од оние што от­ста­пуваат и гинат, туку од оние што веруваат за спасение на душата.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2023

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy