Ефесјаните 5 - Нов превод на Новиот Завет 2023Да се живее во светлина 1 И така, подражавајте Го Бога, како возљубени чеда, 2 и живејте во љубов, како што и Христос нѐ возљуби и се предаде Себеси за нас како принос и жртва на Бога за благопријатен мирис. 3 А блуд и секаква нечистота или, пак, алчност, воопшто да не се спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на светии, 4 ниту, пак, гнасотија ни будалесто зборување, или шегување, кои се непристојни, туку само благодарност. 5 Зашто ова треба да го знаете: ниеден блудник, или нечист, или ненаситник – кој е идолопоклоник, нема наследство во царството на Христос и на Бога. 6 Никој да не се мами со празни зборови; зашто поради нив доаѓа Божјиот гнев врз синовите на непокорноста; 7 затоа, не станувајте нивни соучесници. 8 Зашто вие некогаш бевте темнина, а сега сте светлина во Господ; живејте како чеда на светлината! 9 Бидејќи плодот на Духот се состои во сѐ што е добро, праведно и вистинито – 10 испитувајте што Му е благоугодно на Господа, 11 и не учествувајте во бесплодните дела на темнината, туку разобличувајте ги! 12 Зашто за она што го прават скришум, срамно е и да се зборува. 13 А сѐ што е разобличено, светлината го прави јавно; бидејќи сѐ што е јавно, светлина е. 14 Затоа е речено: „Стани ти што спиеш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли!“ 15 Па така, добро внимавајте како живеете! Не како безумни, туку како мудри, 16 ползувајќи го времето, зашто деновите се зли. 17 Затоа не бидете неразумни, туку распознајте што е волјата Гоподова! 18 И не опивајте се со вино, во него има разврат, туку исполнувајте се со Духот, 19 разговарајќи меѓу себе со псалми и славословија и духовни песни, пеејќи и воспевајќи Го Господ во вашите срца, 20 благодарејќи Му секогаш за сѐ на Бога и Отецот, во името на нашиот Господ Исус Христос. За семејните односи 21 Покорувајќи се еден на друг во стравопочит Христова. 22 Вие, жените, покорувајте им се на своите мажи, како на Господ, 23 зашто мажот е глава на жената, како што и Христос е глава на Црквата, и Тој е Спасител на телото. 24 Па, како што Црквата Му се покорува на Христос, така и жените во сѐ да им се покоруваат на своите мажи. 25 Вие, мажите, љубете ги своите жени, како што и Христос ја возљуби Црквата и се предаде Себеси за неа, 26 за да ја освети, очистувајќи ја со водна бања преку словото; 27 та да ја претстави пред Себе Црквата во сета слава, која нема дамка или брчка, или нешто слично, туку да биде света и непорочна. 28 И така, мажите се должни да ги љубат своите жени како што ги љубат своите тела. Оној што си ја љуби жената, тој се љуби и себеси. 29 Зашто никој никогаш не го намразил своето тело, туку го храни и го негува, како и Господ Црквата, 30 бидејќи ние сме делови на Неговото тело, од Неговото месо и од Неговите коски. 31 „Затоа, човек ќе ги остави својот татко и својата мајка, и ќе се присоедини кон својата жена, та обајцата ќе бидат едно тело.“ 32 Оваа тајна е голема. Но јас ви зборувам за Христос и за Црквата. 33 И така, секој од вас да си ја љуби својата жена, како себеси, а жената да го почитува својот маж. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2023
Macedonian Bible Society