Online Bible

- Reklamy -

Ефесјаните 2 - Нов превод на Новиот Завет 2023


Од смрт во живот

1 И вас, кои бевте мртви поради вашите престапи и гревови,

2 во кои некогаш живеевте според духот на времето на овој свет, според кнезот на воздушната власт, односно на духот, кој сега дејствува во синовите на непокорот,

3 меѓу кои и ние сите некогаш се водевме според желбите на нашето тело, из­вр­шу­вајќи ги желбите на телото и на по­мис­лите, и по природа бевме, како и дру­ги­те, чеда на гневот.

4 Но Бог, Кој е богат со милост, поради Својата голема љубов, со која нѐ возљуби,

5 иако бевме мртви поради нашите прегрешенија, нѐ оживеа во Христос – по благодат сте спасени –

6 нѐ воскресна со Него и нѐ постави со Него на небесата, во Христос Исус,

7 за во идните векови да го покаже преизобилното богатство на Својата благодат, преку добрината кон нас во Христос Исус.

8 Зашто по благодат сте спасени пре­ку верата; и тоа не е од вас – туку дар Божји е!

9 Не е од дела, за да не се пофали не­кој.

10 Бидејќи сме Негова творба, создадени во Христос Исус за добри дела, што Бог однапред ги подготви, за да живееме во нив.


Едно во Исус Христос

11 Затоа помнете дека вие, некогашните незнабошци по тело – наречени не­обрезани од оние што себеси се нарекуваат обрезани – со обрезание извршено на телото со рака, –

12 во она време бевте без Хрис­тос, отстранети од Израилевото општество, туѓи на заветите на ветувањето, без никаква надеж и безбожни во светот;

13 но сега, во Христос Исус, вие, кои некогаш бевте далеку, станавте блиски преку Христовата крв.

14 Зашто Тој е нашиот мир, Кој од двата народа направи еден и ја разруши преградата што беше меѓу нив.

15 Тој со Своето тело го уништи непријателството, а законот на запо­ве­дите и одредбите го обессили, за да создаде во Себе од двата народа еден нов човек, воспоставувајќи мир,

16 та во едно тело да ги помири обата со Бога преку крстот, откако на него го уништи непријателството.

17 Тој дојде да ви благовести мир на сите вас, и далечни и блиски,

18 зашто преку Него и едните и дру­ги­те имаме пристап кај Отецот, во едниот Дух.

19 И така, вие веќе не сте туѓи и придојдени, туку сте им сожители на светиите и членови на Божјото семејство,

20 зашто се утврдивте на темелите поставени од апостолите и пророците, имајќи Го како аголен камен Самиот Исус Христос,

21 врз Кого целата градба, складно составена, прераснува во свет храм во Господа;

22 во Кого и вие, изградувајќи се, станувате живеалиште на Бога во Духот.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2023

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy