Послание на апостол Павле до Тит 1 - Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик1 Од Павле, Божји слуга и апостол на Исус Христос. Јас сум испратен да им донесам вера на оние што Бог ги одбра, за да ја запознаат вистината и да живеат побожно. 2 Таа произлегува од надежта дека ќе добиеме вечен живот, како што Бог уште одамна ни вети, а Тој не лаже. 3 Кога дојде вистинското време, Бог, нашиот Спасител, ја објави Својата порака, ми ја довери и ми наложи да им ја проповедам на луѓето. 4 Пишувам до Тит кој, заради тоа што имаме иста вера, ми е како вистински син. Ти посакувам Бог, нашиот Татко, и Исус Христос, нашиот Спасител, да ти бидат благонаклонети и да ти дадат мир. 5 Те оставив во Крит за да го довршиш она што остана недовршено: по сите градови да назначиш водачи во црквите. Како што ти наредив, 6 за да биде некој водач треба да биде без пороци, верен на својата сопруга, ако има деца, тие треба да имаат вера во Бог и да не ги бие глас дека се разуздани и непослушни. 7 Неопходно е оние што се надзорници во црквата, како Божји управители, да немаат пороци, да не бидат самовљубени и избувливи, да не бидат пијаници, зајадливи, ниту да бидат алчни по нечесна заработка. 8 Тие треба да бидат гостољубиви, да го сакаат доброто, да бидат разумни, правични, побожни луѓе што умеат да се контролираат. 9 Мора да се придржуваат до правилното учење. Така ќе можат да им помогнат и на други луѓе, проповедајќи им здраво учење, и ќе можат да ги изнесат на виделина грешките на оние што му се противставуваат на правилното учење. 10 Има многу противници, особено од Евреите, кои се занимаваат со бескорисни расправии и ги мамат луѓето. 11 На таквите треба да им се затнат устите. Со своето погрешно учење тие цели семејства заведуваат, поучувајќи ги на она што не треба, а се од лакомост за пари кои нечесно ги печалат. 12 Еден од нивните пророци, иако и самиот е од Крит, има кажано за нив: „Жителите на Крит се лажливци, зли ѕверови и мрзливи лапачи!“ 13 Многу точно ги опишал! Сериозно да ги искараш, за да и се вратат на здравата вера, 14 да не се раководат од еврејските митови и од заповедите воспоставени од луѓе кои ја изопачуваат вистината. 15 За оној што е во срцето чист, се е чисто. За оние, пак, што се неверни, чии умови се валкани, чија совест е нечиста, за нив ништо не е чисто. 16 Тие тврдат дека Го знаат Бога, но со своите постапки го докажуваат спротивното. Одвратни се, непокорни и неспособни да направат барем нешто добро. |
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.