Марко 2 - Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик1 По извесно време, Исус повторно се врати во Кафарнаум и набргу се дозна дека Тој е дома. 2 Тогаш толку народ се насобра, што веќе немаше место ни пред вратата. Исус им ја проповедаше Божјата порака. 3 Четворица мажи, носејќи на носила еден парализиран човек, се упатија кон Исус. 4 Бидејќи не можеа да дојдат до Него, поради многубројниот народ, тие се искачија на кровот, направија отвор над местото каде што стоеше Исус и ги спуштија носилата со парализираниот човек. 5 Гледајќи со колкава вера го прават ова, Исус му рече на парализираниот: „Синко, гревовите ти се простуваат!“ 6 Тука беа присутни и некои вероучители, кои во себе почнаа да се прашуваат: 7 „Како смее да зборува вака!? Тој се прави Бог! Кој може да простува гревови освен Бог!?“ 8 Во истиот момент, Исус ги проѕре нивните мисли и им рече: „Зошто ви идат такви зли мисли? 9 Што е полесно за Мене: да му речам на парализираниот дека му се простуваат гревовите или да му речам да стане, да си ја земе постелата и да си оди дома? 10 Но ќе ви докажам дека Јас, Синот Човечки, имам власт да простувам гревови на Земјава!“ Тогаш Исус му рече на парализираниот: 11 „Стани, земи си ја постелата и оди си дома!“ 12 Пред очите на сите, човекот веднаш стана, си ја зеде постелата и излезе. Луѓето беа вчудовидени и Му оддаваа слава на Бога, велејќи: „Вакво нешто досега не сме виделе!“ 13 Исус повторно отиде на брегот на Галилејското Езеро. Голема толпа луѓе се собра околу Него и Тој ги поучуваше. 14 Одејќи, Исус го забележа Алфеевиот син Левиј. Тој седеше на своето работно место - собирач на данок. Исус го повика: „Дојди и биди Мој следбеник!“ Левиј стана и Му се придружи на Исус. 15 Подоцна Исус и Неговите ученици беа поканети на вечера кај Левиј. Меѓу поканетите беа и голем број собирачи на данок и други грешници кои одеа по Исус. 16 Некои од вероучителите беа припадници на фарисеите. Гледајќи како Исус вечера со грешници и собирачи на данок, тие им приговорија на Исусовите ученици, велејќи: „Зошто Исус вечера со собирачи на данок и со грешници!?“ 17 Исус ги слушна и им одговори: „На здравите луѓе не им е потребен лекар, туку на болните. За Мои следбеници не дојдов да поканувам „праведници“, туку грешници!“ 18 Учениците на Јован Крстител, како и фарисеите, практикуваа постење. Затоа некој дојде кај Исус и Го праша: „Зошто Твоите ученици не постат, како што постат учениците на Јован Крстител и на фарисеите?“ 19 Исус им одговори: „Зар очекувате сватовите да постат за време на свадбата, додека младоженецот е со нив? 20 Ќе дојде време кога младоженецот ќе се оттргне од нив; тогаш тие ќе постат. 21 Не се крпи стара облека со нова крпа од непрано платно! Зашто, крпата од новото платно ќе се собере и ќе направи уште поголема дупка! 22 Не се става ново вино во стари кожни мешини! Новото вино ферментирајќи ќе ги пукне старите мешини! Тогаш и виното ќе истече и мешините ќе се уништат. Ново вино се става во нови мешини!“ 23 Еден саботен ден Исус минуваше преку некои ниви, а Неговите ученици кинеа клавчиња. 24 Некои од фарисеите Му приговорија, велејќи: „Зошто го прават во саботен ден она што не смее да се прави во сабота!?“ 25 Исус им одговори: „Зар не сте читале што направи Давид кога заедно со неговата дружина се најдоа во невола и огладнеа? 26 Тоа беше во времето на Првосвештеникот Евјатар. Давид влезе во Божјиот храм, и тој и неговата дружина јадеа од посветените лебови, од кои само свештениците смеат да јадат!“ 27 Во заклучок, Исус им рече: „Саботата е создадена за човекот, а не човекот за саботата! 28 Затоа, Јас, Синот Човечки, Сум господар и на саботата.“ |
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.