Римјаните 1 - Библија: Стариот и Новиот Завет КонстантиновВовед 1 Павле, слуга на Исуса Христа, повикан за апостол, одделен за Евангелието од Бога, 2 кое Тој го вети однапред преку Своите пророци во Светите писма, 3 а кое зборува за Неговиот Син, по тело роден од Давидовото семе, 4 по Духот на осветувањето посведочен за Божји Син во сила - преку воскресението од мртвите - Исус Христос, нашиот Господ; 5 преку Кого добивме благодат и апостолство, за да ги приведеме сите народи, кон послушноста на верата, заради Името Негово, 6 меѓу кои сте и вие повикани од Исуса Христа, 7 - до сите возљубени од Бога, повиканите свети, кои се во Рим: благодат вам и мир од Бога нашиот Татко и од Господа Исуса Христа. 8 Пред сѐ Му благодарам на мојот Бог преку Исуса Христа за сите вас, зашто за вашата вера се зборува по целиот свет. 9 И Бог, Кому Му служам со својот дух во објавувањето на Евангелието за Неговиот Син, ми е сведок дека постојано си спомнувам за вас 10 секогаш во моите молитви, да успеам барем еднаш, по Божја волја, да дојдам при вас; 11 зашто сакам да ве видам, да ви дадам некој духовен дар за ваше зацврстување, 12 односно: меѓу вас, заедно со вас, да најдам утеха преку заедничката вера - вашата и мојата. 13 Не сакам, браќа, да ви остане непознато, дека многупати имав намера да дојдам при вас - но бев спречуван досега - за да имам некој плод и меѓу вас, како и меѓу другите народи. 14 Јас сум им должник и на Грците и на варварите, и на мудрите и на неразумните. 15 И така, доколку е од мене, готов сум да ви го проповедам Евангелието и вам, кои сте во Рим. 16 Зашто, јас не се срамам од Евангелието, бидејќи тоа е Божја сила за спасение на секој кој верува, првин за Јудеецот, а и за Гркот. 17 Зашто во него се открива Божјата правда, од вера во вера, како што е напишано: „Праведникот ќе живее од верата.“ Оправдание им е потребно на сите - на народите и на Јудејците 18 Зашто Божјиот гнев се открива од небото на секоја безбожност и неправда на луѓето, кои со неправдата ја задржуваат вистината; 19 зашто ним им е познато она што може да се знае за Бога; Бог им го јави тоа. 20 Па и Неговите невидливи својства, Неговата вечна сила и Божеството, можат да се согледаат од создавањето на светот, набљудувани преку творбите. Па така немаат изговор. 21 Зашто, иако Го познаа Бога, не Го прославија како Бог, ниту покажаа благодарност; туку станаа суетни во своите мисли и нивното неразумно срце се помрачи. 22 Зборувајќи дека се мудри, станаа безумни, 23 и ја заменија славата на нераспадливиот Бог со слика слична на распадлив човек, на птици, на четвороножни животни, и на лазачи. 24 Затоа Бог ги предаде, според желбите на нивните срца, на нечистотата, така што сами да ги обесчестат своите тела; 25 нив, кои Божјата вистина ја заменија со лага, и му се поклонуваа и служеа на созданието место на Создателот, Кој е благословен довека, Амин! 26 Затоа Бог ги предаде на срамни страсти: нивните жени го заменија природното општење со неприродно; 27 мажите, исто така, го оставија природното општење со жена и се распалија со сладострасност еден кон друг, правејќи - мажи со мажи - срамни работи, добивајќи заслужена плата во себе за својата заблуда. 28 И бидејќи не се обидоа да Го имаат Бога во нивните мисли, Бог ги предаде на нивниот изопачен ум, за да прават што не прилега: 29 исполнети со секаков вид неправда, расипаност, алчност, зло; полни со завист, убиства, расправии, лукавства, подмолност; озборувачи, 30 клеветници, мразители на Бога, насилници, горди, самопофалувачи, измислувачи на зла, непокорни на родителите, 31 неразумни, неповерливи, без љубов и без милосрдие. 32 Тие ја знаат Божјата правда: дека оние, кои прават така, заслужуваат смрт, па сепак не само што го прават тоа, туку им одобруваат и на другите, кои прават. |
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.
City Bible Foundation