Наум 1 - Библија: Стариот и Новиот Завет КонстантиновБОЖЈО ВЕЛИЧИЕ ВО МИЛОСТ И ВО СУД 1:1-15 А. Натпис 1 Пророштвото за Нинивија; книга на видението на Наум Елкошанецот. Б. Химна на Божјо величие 2 Господ е Бог ревнител и одмаздник; Господ се одмаздува и се гневи; Господ им се одмаздува на Своите противници, издржлив е во гневот против непријателите. 3 Господ е долготрпелив, ама голем во сила. Никако, Господ нема да ги пушти виновниците неказнети. Неговиот пат е во виор и во бура, облаците се прав на Неговите нозе. 4 Му се заканува на морето и го исушува, ги пресушува сите реки. Васан и Кармил овенаа, венее цветот на Ливан. 5 Пред Него горите се потресуваат, бреговите се топат, земјата се воздига пред Него, светот и сѐ што живее во него. 6 Кој може да издржи пред Неговото негодување? И кој ќе издржи пред пламенот на Неговиот гнев? Неговиот гнев се излева како оган и стените се распаѓаат пред Него. 7 Господ е добар, Тој е тврдина во ден на неволја, ги познава оние, кои прибегнуваат кон Него. 8 Кога потопните води ќе поплават, ќе го уништи наполно нејзиното место, ќе ги протера Своите непријатели во мрак. 9 Што смислувате вие против Господа? Тој уништува до крај; неволјата нема да се подигне двапати. 10 Како трнлив грмушник и како пијаници напиени, како сува слама ќе бидат наполно проголтани. В. Пророштво и осудување 11 Од тебе произлезе оној, кој смислува зло против Господа, советникот на Велијал. 12 Господ зборува вака: „Нека се подготвени, нека се многубројни, ќе бидат покосени, кога тој ќе помине. Ако те понижив, нема да те понижувам отсега. 13 А сега, ќе го скршам јаремот негов од тебе, ќе ги скинам твоите окови.“ 14 Господ наредува против тебе: „Не ќе се сее веќе од твоето име, од капиштето на твоите богови ќе ги истребам резаните и леаните ликови, ќе го направам твој гроб, зашто си презрен.“ Г. Радосната вест, што доаѓа 15 Гледајте, врз горите се нозете на оној, кој носи Добра вест, кој проповеда: „Мир!“ Празнувај ги своите празници, Јудо, исполни ги своите заклетви, зашто Велијал веќе не ќе поминува преку тебе, тој е сосема истребен. |
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.
City Bible Foundation