Јоил 1 - Библија: Стариот и Новиот Завет КонстантиновБОЖЈИ СУД И ПОВИК КОН ПОКАЈАНИЕ 1:1-2:27 А. Натпис и вовед 1 Словото Господово дојде до Јоила, синот Фатуилов. 2 Чујте го ова, старци, послушајте, сите жители на земјата! Дали некогаш било нешто вакво во вашите денови или во деновите на вашите татковци? 3 Речете им го ова на вашите синови, вашите синови на своите синови, а нивните синови на идното колено. Б. Опис на штети од гасеници и скакулци 4 Што остави гасеницата, го изеде скакулецот, што остави скакулецот, го изеде црвецот, што остави црвецот, го дојаде бубачката. 5 Разбудете се, пијаници, и плачете! Сите винопијачи, тажете по ново вино: зашто ви е земено од устата. 6 Зашто мојата земја ја прекри силен и безброен народ; забите му се како лавски заби, катниците како во лавица. 7 Ми ја запусти виновата лоза и ги искрши моите смокви, ги олупи и ги расфрла, гранките им побелеа. 8 Плачете како девици облечени во вреќиште по својот вереник. 9 Ги снема лебните приноси и налевницата од Господовиот Дом. Тажат свештениците, Господовите слуги. 10 Полето е запустено, земјата е ограбена. Житото е ограбено, виното пропадна, маслото пресуши. 11 Засрамете се, земјоделци, плачете лозари, за пченицата и за јачменот, зашто пропадна полската жетва. 12 Лозата се исуши, смоквата овена, калинката, палмата и јаболкниците: секое полско дрво се исуши. Затоа радоста ја снема меѓу човечките синови. В. Повик кон пост и молитва 13 Свештеници, препашете вреќиште и плачете! Службеници на жртвеникот, тажете! Дојдете, преноќевајте во вреќиште, служители на мојот Бог! Зашто од Домот на нашиот Бог ги снема лебниот принос и налевницата! 14 Одредете осветен пост, прогласете свечен собир; старешини, соберете ги, сите жители на земјата во куќата на Господа, вашиот Бог. Извикајте кон Господа: Г. Запустување на земјата - преобраз на Господов ден 15 О каков ден! Зашто Господовиот ден е близу и доаѓа како гибел од Сѐвишниот. 16 Не исчезна ли храната пред нашите очи? Нели ги снема веселбата и радоста од Домот на нашиот Бог? 17 Зрната се изгниени под грутките; пусти се житниците, срушени се спремите, зашто снема жито. 18 Како воздивнува добитокот! Здивени стада говеда, скитаат, зашто им нема пасиште. Па и стада овци ја поднесуваат казната. 19 Кон Тебе, Господи, викам? Зашто огнот ги спали пустинските пасишта, пламенот ги изгоре сите полски дрва. 20 Па и полските дрва копнеат по Тебе, зашто потоците пресушија, огнот ги спали пустинските пасишта. |
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.
City Bible Foundation