Aanlyn Bybel

- Advertensies -

Лука 1 - Свето Евангелие 2008


1 ГЛАВА 1 (Зачало 1)

1 Бидејќи мнозина почнаа да пишуваат повест за настаните, што ни се наполно познати,

2 како што ни ги предадоа оние, што уште од почетокот беа очевидци и слуги на Словото,

3 намислив и јас, откако испитав сѐ од почетокот, да ти опишам по ред, честити Теофиле,

4 за да ја разбереш основата на учењето, на кое си се учел.


(Зачало 2)

5 Во деновите на Ирода, царот Јудејски, живееше еден свештеник по име Захарија, од редот Авијанов; а жена му беше од ќерките Аронови и се викаше Елисавета.

6 И обајцата беа праведни и беспорочни пред Бога, постапувајќи според сите заповеди и повелби Господови.

7 Тие немаа деца, бидејќи Елисавета беше неплодна; а обајцата беа веќе стари.

8 Еднаш, кога тој служеше пред Бога, според својот ред,

9 според обичајот на свештениците, нему му се падна да влезе во храмот Господов и да покади.

10 А целиот народ се молеше однадвор, за време на кадењето.

11 Тогаш му се јави ангел Господов, стоејќи од десната страна на кадилниот олтар.

12 Захарија се уплаши кога го виде, и страв го опфати.

13 Но, ангелот му рече: – Не бој се, Захарија, зашто се услиша твојата молба и жена ти Елисавета ќе роди син, и ќе му ставиш име Јован.

14 И ќе ти биде радост и веселие, и мнозина ќе се зарадуваат поради неговото раѓање.

15 Тој ќе биде голем пред Господа и нема да пие вино ни сикер, а ќе се исполни со Дух Свети уште од утробата на мајка си;

16 и многу Израилеви синови ќе ги врати кон нивниот Господ Бог;

17 и ќе врви пред Него во духот и силата на Илија, за да ги обрати срцата на татковците кон децата, и непокорните – кон разумот на праведните, па да Му подготви на Господа народ совршен.

18 И му рече Захарија на ангелот: – Според што ќе го разберам тоа? Јас сум стар, а и жена ми е веќе доста возрасна.

19 Ангелот му одговори и рече: – Јас сум Гавриил којшто стои пред Бога; испратен сум да говорам со тебе и да те известам за оваа радост;

20 и ете, ти ќе онемеш и не ќе можеш да говориш до оној ден, кога ќе се исполни тоа, оти не им поверува на моите зборови, кои ќе се исполнат во свое време.

21 Народот го чекаше Захарија и се чудеше зошто се забави во храмот.

22 А кога излезе, не можеше да зборува со нив; и разбраа дека имал видение во храмот; тој им објаснуваше со знаци, но остануваше нем.

23 И штом изминаа деновите на неговата служба, тој се врати дома.


(Зачало 3)

24 По тие дни, зачна неговата жена Елисавета и таеше пет месеци, велејќи:

25 – Така ми направи Господ во деновите, во кои ме погледна, за да го отстрани срамот од мене меѓу луѓето. Крај на Зачнувањето на св. Јован. Изостави за Рождество на св. Јован

26 А во шестиот месец беше испратен од Бога ангелот Гавриил во галилејскиот град, по име Назарет,

27 при една девојка, свршена за маж по име Јосиф, од домот Давидов; а името на девојката ѝ беше Марија.

28 И кога влезе ангелот при неа, рече: – Радувај се, благодатна! Господ е со тебе; благословена си ти меѓу жените!

29 А таа, штом го виде, се уплаши од зборовите негови и помисли: – Каков е овој поздрав?

30 И ѝ рече ангелот: – Не плаши се, Марија, зашто си нашла милост пред Бога;

31 и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе Го наречеш со името Исус.

32 Он ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давида;

33 и ќе царува над домот Јаковов секогаш, и царството Негово нема да има крај.

34 А Марија му рече на ангелот: – Како ќе биде тоа, кога јас не знам за маж?

35 Ангелот ѝ одговори и рече: – Светиот Дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде Свето и ќе се нарече Син Божји.

36 Ете, и Елисавета, твојата роднина, за која велат дека е неплодна, и таа зачна син во староста своја; нејзе ѝ е веќе шести месец;

37 зашто нема да остане во Бога ниеден збор без сила.

38 Марија, пак, рече: – Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои! И ангелот си отиде од неа. Крај на Благовештение, на литургијата


(Зачало 4)

39 Аво оние дни Марија, откако стана, отиде набргу во горниот крај, во градот Јудин;

40 па влезе во домот на Захарија и ја поздрави Елисавета.

41 Штом го чу Елисавета поздравот на Марија, заигра младенецот во утробата нејзина; и Елисавета се исполни со Дух Свети,

42 па извика гласно и рече: – Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба!

43 И од каде на мене ова, да дојде при мене мајката на мојот Господ?

44 Зашто, ете, кога пристигна гласот од твојот поздрав до ушите мои, радосно заигра детето во мојата утроба.

45 И блажена е таа, која поверува, зашто ќе се исполни она што ѝ рекол Господ.

46 И рече Марија: – Душата моја Го велича Господа,

47 и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој,

48 оти ја погледна смиреноста на слугинката Своја, и ете, отсега ќе ме нарекуваат блажена сите родови;

49 бидејќи Силниот ми направи големо дело, и свето е Неговото име; Изостави на св. Богородица

50 и милоста Негова е од колено на колено, за оние што се бојат од Него.

51 Он покажа сила со раката Своја; ги распрсна оние што се гордеат со мислите во срцата свои;

52 ги симна силните од престоли и ги воздигна смирените;

53 гладните ги исполни со блага, а богатите ги отпушти празни;

54 го прими Израилот, Својот слуга, сеќавајќи се на милоста,

55 како што им говореше на татковците наши, на Авраама и на семето негово довека. Читај на св. Богородица

56 И остана Марија со неа околу три месеци, па се врати дома. Крај на св. Богородица Читај на Рождество на св. Јован

57 А на Елисавета ѝ дојде времето да роди, и таа роди син.

58 И чуја оние што живееја околу, и роднините нејзини, дека ја возвеличил Господ Својата милост на неа, и се радуваа со неа.

59 На осмиот ден дојдоа да го обрезат детето, и сакаа да му го дадат името од татка му Захарија.

60 Но, мајка му одговори и рече: – Не! А да се нарече Јован.

61 Ѝ рекоа нејзе: – Никој нема во твојот род, којшто се нарекува со такво име.

62 И го прашаа со знаци татка му, како би сакал да го наречат.

63 Тој побара штичка и ги напиша зборовите: – „Јован му е името“. И сите се зачудија.

64 И веднаш му се одврза устата и јазикот негов, и говореше, благословувајќи Го Бога.

65 И се уплашија сите што живееја околу; и прикажуваа за сето тоа по целиот крај јудејски.

66 Сите што слушнаа, го зедоа тоа при срце и велеа: – Што ли ќе стане од тоа дете? И раката Господова беше со него.

67 А Захарија, татко му, се исполни со Дух Свети и пророкуваше, говорејќи:

68 – Благословен е Господ, Бог Израилев, оти го посети и избави народот Свој; Изостави на Рождество на св. Јован

69 и подигна рог за нашето спасение, во домот на Давида, Својот слуга.

70 Како што говореше преку устата на своите свети пророци низ вековите,

71 дека ќе нѐ избави од непријателите наши и од рацете на сите што нѐ мразат;

72 за да ја пројави Својата милост на татковците наши и да се сети на Својот свет завет,

73 на заклетвата, со која му се заколна на Авраама, нашиот татко;

74 оти ќе ни даде, штом ќе нѐ избави од непријателите наши,

75 без страв да Му служиме, во светост и правда пред Него, преку целиот наш живот. Читај на Рождество на св. Јован

76 А ти, детенце, ќе се наречеш пророк на Севишниот, оти ќе одиш пред лицето на Господа, за да Му ги подготвиш патиштата Негови; Изостави на Рождество на св. Јован

77 и да го вразумиш народот Негов за спасение, преку прошка на гревовите нивни,

78 заради големата милост на нашиот Бог, со која нѐ посети Исток од висините,

79 за да ги просвети оние што седат во темнина и сенка смртна, и да ги упати нозете наши по патот на мирот. Читај на Рождество на св. Јован

80 А детето растеше и крепнеше со духот, и остана во пустината до денот, кога му се јави на Израилот. Крај на Рождество на св. Јован, на утрената и на литургијата

© Македонска Православна Црква 2008

© Мacedonian Orthodox Church 2008

Macedonian Bible Society
Volg ons:



Advertensies