Судии 1 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Израил се вселува во Ханан 1 По смртта на Исус, синовите на Израил Го прашаа Господа, велејќи: „Кој од нас прв ќе тргне против Хананците – да војува против нив?“ 2 Господ одговори: „Јуда ќе тргне; ете, Јас ја предавам земјата во негови раце.“ 3 Јуда, пак, му кажа на братот свој Симеон: „Дојди со мене во мојот дел за да војуваме против Хананците; а потоа јас ќе влезам со тебе во твојот дел.“ И Симеон отиде со него. 4 Тогаш Јуда тргна, и ги предаде Господ Хананците и Перизијците во рацете нивни, и тие убија од нив во Безек десет илјади души. 5 Во Безек наидоа на Адони-Везек, започнаа битка со него и ги разбија Хананците и Перизијците. 6 Адони-Везек избега, но тие се спуштија, тргнаа по него, го фатија и му ги исекоа палците на рацете негови и на нозете негови. 7 Тогаш Адони-Везек рече: „Седумдесет цареви со пресечени палци на рацете и нозете собираа трошки под трпезата моја; како што правев јас, така ми воздаде Бог.“ И го доведоа во Ерусалим, каде што и умре. 8 И војуваа Јудините синови против Ерусалим, го презедоа и го поразија со меч и градот го изгореа со оган. 9 Потоа Јудините синови тргнаа да војуваат против Хананците, кои живееја во планинската земја, во јужната област и во рамнината. 10 И тргна Јуда против Хананците, кои живееја во Хеврон, (порано Хеврон се нарекуваше Кирјат-Арба), и ги разбија Шешај, Ахиман и Талмај (од Енаковиот род). 11 Оттука тргнаа против жителите на Давир; порано Давир се викаше Кирјат-Сефер. 12 Тогаш Халев рече: „Кој ќе го нападне Кирјат-Сефер и ќе го преземе, ќе му ја дадам ќерката своја Ахса за жена.“ 13 Го презеде Готониил, синот на Кеназ, помладиот брат на Халев; и тој му ја даде ќерката своја Ахса за жена. 14 Пред да замине таа, Готониил ја подучи да бара од татко си земја, и таа слезе од магарето. Халев ја праша: „Што бараш?“ 15 А таа му рече: „Дај ми благослов; ти ми даде сува земја, дај ми и водни извори.“ И ѝ ги даде Халев горните извори и долните извори. 16 Кенијците, пак, кои водат потекло од Мојсеевиот тест, појдоа од градот на палмите со Јудините синови во Јудината пустина, која е на југ од Арад. И дојдоа и се населија меѓу народот. 17 Потоа тргна Јуда со својот брат Симеон и ги совладаа Хананците, кои живееја во Цефат, го проколнаа градот со проклетство и го нарекоа тој град Хорма. 18 Јуда исто така ги презеде Газа со нејзината околина, Ашкелон и неговата околина, и Екрон и неговата околина (и Азот со неговата околина), 19 Господ беше со Јуда, и тој ја доби во наследство планината; но не можеше да ги истера жителите на долината, бидејќи тие имаа железни двоколки. 20 А на Халев му го предадоа Хеврон, како што беше рекол Мојсеј, (и таму тој ги доби во наследство трите града) и ги истера оттаму трите сина на Анак. 21 Но Венијаминовите синови не ги истераа Јевусијците, кои живееја во Ерусалим; Јевусијците живеат со потомците на Венијамин во Ерусалим и до ден-денес. 22 И синовите Јосифови исто така тргнаа против Ветил, и Господ беше со нив. 23 (И се задржаа) Јосифовите синови го разгледаа Ветил, а порано градот се нарекуваше Луз. 24 И стражарите видоа еден човек, кој доаѓаше од градот (го фатија) и му рекоа: „Покажи ни го влезот во градот, и ќе покажеме милост кон тебе.“ 25 Тој им го покажа влезот во градот, и тие го совладаа градот со сечилото на мечот, а тој човек и сите негови роднини ги пуштија. 26 Тој човек отиде во земјата на Хитијците и изгради таму град и го нарече со името Луз. Тоа му е името и до ден-денес. 27 И Манасија не ги избрка жителите на Бет-Шан (кој е град на Скитите) и неговите села, ниту жителите на Таанах и неговите села, ниту жителите на Дор и неговите села, ниту жителите на Јивлеам и неговите села, ниту пак на Мегидо и неговите села. Но, Хананците и понатаму останаа да живеат во оваа земја. 28 Кога Израил стана силен, им наметна данок на Хананците, но не ги избрка. 29 И Ефрем не ги истера Хананците кои живееја во Гезер; и Хананците живееја меѓу нив во Гезер (и им плаќаа данок). 30 И Завулон не ги избрка жителите на Китрон, ниту жителите на Нахалол, и Хананците живееја меѓу нив и им плаќаа данок. 31 И Асир не ги избрка жителите на Ако, (кои му плаќаа данок, ниту жителите на Дор) и ниту жителите на Сидон и Ахлав, ниту од Ахзив, Хелба, Афик ниту, пак, од Рехов. 32 Се насели Асир меѓу Хананците, жителите на таа земја, бидејќи не можеше да ги избрка. 33 И Нефталим не ги избрка жителите на Ветсамис како ни жителите на Бет-Анат и живееше меѓу Хананците, жителите на таа земја; а жителите на Ветсамис и на Бет-Анат беа негови поданици. 34 Аморејците ги потиснаа синовите Данови во горите, бидејќи не им даваа да слезат во долината. 35 И Аморејците останаа да живеат во Хар-Херес, во Ајалон и Шаалевим; но раката на Јосифовиот дом ги присили (Аморејците) и тие им станаа поданици. 36 Пределите на Аморејците се протегаа од угорнината Акравим, од Карпата сѐ угоре. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society