Осија 1 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)1 Слово Господово што беше упатено до Осија, син Беериев, во деновите на јудејските цареви Озија, Јотам, Ахаз, Езекија и во деновите на израилскиот цар Јеровоам, синот Јоасов. Семејството на Осија 2 Почеток на словото Господово до Осија. Му рече Господ на Осија: „Оди и земи жена блудница, па роди деца од блудство; зашто оваа земја многу блудствува, откако отстапи од Господ.“ 3 И тој отиде и ја зеде Гомер, ќерката на Дивлаим, која зачна и му роди син. 4 Тогаш Господ му рече: „Стави му име Јизреел, зашто уште малку и Јас ќе му се одмаздам на Јехуевиот дом за крвта пролеана во Јизреел и ќе го укинам царството на Израил, 5 и во тој ден ќе го скршам лакот на Израил во долината Јизреел.“ 6 Таа пак зачна и роди ќерка, и Тој му рече: „Именувај ја Ло-Рухама, зашто Јас веќе нема да го помилувам домот Израилев, и да им проштевам. 7 А домот Јудин ќе го помилувам и ќе ги спасам Јас, нивниот Господ Бог, не со лак, ниту со меч, ни со војска, ниту со коњи и коњаници.“ 8 Потоа, откако ја одби од доење, одново зачна и роди син. 9 И Тој му рече: „Наречи го со името Ло-Ами, зашто вие не сте Мој народ, и Јас нема да бидам ваш Бог.“ Надеж за Израил 10 „Но бројот на синовите Израилеви ќе биде како песокот морски, кој не ќе може ни да се измери ниту да се изброи; и место да им речат – вие не сте Мој народ – ќе им се рече – вие сте синови на живиот Бог. 11 И ќе се соберат синовите Јудини и синовите Израилеви заедно и ќе си постават еден старешина и ќе излезат од земјата, зашто голем е денот на Јизреел. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society