Наум 1 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Лутиот Божји гнев 1 Пророштво за Ниневија; книга за видението на Наум од Елкош. 2 Господ е Бог љубоморен и одмаздник, Господ е страшен во Својот гнев: Господ им се одмаздува на непријателите Свои; не ги поштедува ни противниците Свои. 3 Господ е долготрпелив, а силен во моќта, така што не го остава виновникот без казна; патот Господов е во виор и бура, а облаците се прав под нозете Негови. 4 Ќе му се закани на морето, и тоа пресушува, и сите реки пресушуваат: овенува Башан и Кармил, и свенува цветот на Ливан. 5 Горите се тресат пред Него, и ридовите се топат, земјата потреперува пред лицето Негово, и вселената и сѐ што живее во неа. 6 Кој може да устои против гневот Негов? И кој може да го издржи пламенот од Неговата јарост? Гневот Негов се излива како оган; карпи се распаѓаат пред Него. Моќта на Асирија ќе биде скршена 7 Добар е Господ; Тој е прибежиште во ден на неволја. Тој ги заштитува оние, кои прибегнуваат кај Него, 8 дури и при силни води. Тој ќе ги докрајчи Своите непријатели, ќе ги прогони Своите душмани до најцрната темнина. 9 Што сте намислиле против Господ? Тој ќе стави крај на сѐ, ниеден противник нема повторно да се крене. 10 Зашто, како плот од трње и како од вино пијани, тие ќе бидат наполно проголтани, како сува слама. 11 Од тебе произлезе оној, што смислува зло против Господ, и подготвува нечесен заговор. 12 Вака вели Господ: „Макар што се силни и многубројни, тие ќе бидат исклани и ќе исчезнат; а тебе, иако те казнував, нема веќе да те казнувам. 13 И сега ќе го скршам јаремот што те стега и ќе ги раскинам оковите твои.“ 14 А за тебе, Ниневијо, Господ нареди: нема да продолжи родот твој; од домот на твојот бог ќе ги истребам идолите резани и лиени; во него ќе ти направам гроб зашто си безвредна. 15 Ете, по горите се стапките на благовесникот, кој најавува мир: празнувај ги, Јудејо, твоите празници, извршувај ги заветите свои, зашто преку тебе нема веќе да минува нечестивиот; тој е наполно уништен. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society