Aanlyn Bybel

- Advertensies -

Лука 1 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Предговор и посвета

1 Бидејќи мнозина се обидоа да го запишат кажувањето за настаните што се случија меѓу нас,

2 како што ни ги предадоа оние, кои уште од почетокот беа очевидци и слу­жители на Словото,

3 намислив и јас, откако испитав сѐ од почетокот, да ти опишам точно по ред, честити Теофиле,

4 за да ја познаеш веродостојноста на учењето, во кое си поучуван.


Ангел го објавува раѓањето на Јован Крстител

5 Во деновите на Ирод, царот јудејски, имаше еден свештеник по име За­ха­рија, од редот Авијанов; а жена му беше од ќерките Аронови и се викаше Ели­са­вета.

6 И обајцата беа праведни пред Бога, постапувајќи според сите заповеди и повелби Господови беспрекорно.

7 Тие немаа деца, зашто Елисавета бе­ше неротка; а обајцата беа веќе на поод­ми­нати години.

8 Еднаш, додека тој по редот на својот чин служеше пред Бога,

9 според обичајот на свештениците, нему му се падна ждрепката да влезе во храмот Господов и да покади.

10 За време на кадењето целиот народ се молеше надвор.

11 Тогаш му се јави ангел Господов, стоејќи од десната страна на кадилниот жртвеник.

12 Захарија се вознемири кога го виде и страв го обзеде.

13 Но ангелот му рече: „Не плаши се, Захарија, зашто твојата молба е ус­ли­шена и жена ти Елисавета ќе ти роди син и ќе му ставиш име Јован.

14 И ќе ти биде радост и веселие; мно­зина ќе се зарадуваат заради негово­то ра­ѓање.

15 Зашто тој ќе биде голем пред Гос­пода и нема да пие вино ниту жесток пи­ја­лак, а ќе се исполни со Дух Свети уште во утробата на мајка си;

16 и многу Израилеви синови ќе ги обрати кон нивниот Господ Бог;

17 и тој ќе оди пред Него во духот и си­лата на Илија, за да ги сврти срцата на татковците кон децата, и непокорни­те кон мудроста на праведните, па да Му подготви на Господ народ подготвен.“

18 И му рече Захарија на ангелот: „По што ќе го разберам тоа? Јас сум стар, а жена ми е веќе во поодминати години.“

19 Ангелот му одговори и рече: „Јас сум Гаврил кој стои пред Бога; пратен сум да зборувам со тебе и ова да ти го благовестам;

20 и ете, ти ќе онемиш и не ќе можеш да говориш до оној ден кога ќе се случи тоа, затоа што не им поверува на моите зборови, што ќе се исполнат во свое време.“

21 Народот го чекаше Захарија и се чудеше зошто се забави во храмот.

22 А кога излезе, не можеше да зборува со нив; и така разбраа дека имал ви­дение во храмот. Тој им објаснуваше со знаци, но остануваше нем.

23 И штом изминаа деновите на него­ва­та служба, тој се врати дома.

24 По тоа време зачна неговата жена Елисавета и таеше пет месеци, велејќи:

25 „Така ми направи Господ во дено­ви­те кога погледна на мене за да го симне срамот од мене меѓу луѓето.“


Ангел Господов го објавува скорото Исусово раѓање

26 А во шестиот месец беше испратен од Бога ангелот Гаврил во галилејскиот град, по име Назарет,

27 кај една девојка. Таа беше свршена за маж по име Јосиф, од домот Давидов; а името на девојката ѝ беше Марија.

28 И кога влезе ангелот кај неа, рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!“

29 А таа, штом го виде, се вознемири од зборовите негови и размислуваше што значи тој поздрав.

30 И ѝ рече ангелот: „Не плаши се, Марија, зашто си нашла благодат во Бога;

31 и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе Го наречеш со името Исус.

32 Тој ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давид;

33 и ќе царува над домот Јаковов за­се­когаш, и царството Негово нема да има крај.“

34 А Марија му рече на ангелот: „Ка­ко ќе биде тоа кога јас не знам за маж?“

35 Ангелот ѝ одговори и рече: „Све­ти­от Дух ќе слезе на тебе и силата на Се­вишниот ќе те осени; па затоа и родено­то ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји.

36 Ете и Елисавета, твојата роднина, за која велат дека е неротка, и таа зачна син во староста своја; нејзе ѝ е веќе шести месец;

37 зашто кај Бога ниеден збор не ос­та­нува невозможен.“

38 Марија, пак, рече: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според збо­ровите твои!“ И ангелот си отиде од неа.


Марија во посета кај Елисавета

39 А Марија стана во тие дни и поита во горскиот крај, во градот Јудин;

40 па влезе во домот на Захарија и ја поздрави Елисавета.

41 Штом го слушна Елисавета поздра­вот на Марија, заигра детето во утробата нејзина; и Елисавета се исполни со Дух Свети,

42 па извика со силен глас и рече: „Бла­гос­ло­вена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба!

43 И од каде за мене ова, кај мене да дојде мајката на мојот Господ?

44 Зашто, ете, штом гласот од твојот поздрав одекна во ушите мои, од радост ми заигра детето во утробата моја.

45 И блажена е таа која поверува, заш­то ќе се исполни она, што ѝ рекол Гос­под.“

46 И рече Марија: „Мојата душа Го ве­лича Господа,

47 и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој,

48 зашто погледна на смиреноста на слугинката Своја, и ете, отсега ќе ме нарекуваат блажена сите по­ко­ле­нија;

49 зашто Силниот ми направи големи дела, и свето е Неговото име;

50 и милоста Негова е од колено на ко­ле­но за оние што се бојат од Него.

51 Тој покажа сила со раката Своја; ги распрсна оние што се возгордеаја со мислите во срцата свои;

52 ги симна силните од престоли и ги воздигна понижените;

53 гладните ги исполни со добра, а бо­гатите ги отпушти празни;

54 го прифати Израил, Својот слуга, сеќавајќи се на милоста,

55 како што им зборуваше на тат­ков­ците наши, на Авраам и на семето негово довека.“

56 И остана Марија со неа околу три месеци, па се врати дома.


Раѓањето и обрезанието на Јован Крстител

57 А на Елисавета ѝ дојде времето да роди и таа роди син.

58 Кога слушнаа соседите и роднините нејзини, дека ја удос­тоил Господ со Својата милост, се ра­дуваа со неа.

59 На осмиот ден дојдоа да го обрезат детето и сакаа да му го дадат името на татко му Захарија.

60 Но мајка му одговори и рече: „Не, туку ќе се вика Јован!“

61 Ѝ рекоа нејзе: „Никој нема меѓу твоите роднини кој го носи тоа име.“

62 И го прашаа со знаци татко му, ка­ко би сакал да го наречат.

63 Тој побара штичка и ги напиша збо­ровите: „Јован му е името.“ И сите се зачудија.

64 И веднаш му се отвори устата негова и јазикот негов, и зборуваше, благословувајќи Го Бога.

65 И ги обзеде страв сите соседи; и се разгласи за овој настан по це­лата горска Јудеја.

66 Сите што слушнаа, го зедоа тоа при срце и велеа: „Што ли ќе стане од тоа дете?“ И раката Господова беше со не­го.


Благодарствената пророчка песна на пророкот Захарија

67 А Захарија, татко му, се исполни со Дух Свети и пророкуваше, говорејќи:

68 „Благословен да е Господ, Бог Из­раилев, зашто го посети и го избави на­родот Свој;

69 и подигна за нас моќно спасение, во домот на Давид, Својот слуга;

70 како што говореше одамна преку устата на Своите свети пророци,

71 дека ќе нѐ спаси од непријателите наши и од рацете на сите што нѐ мра­зат;

72 за да ја пројави милоста над тат­ков­ците наши и да се сети на светиот завет Свој,

73 на заклетвата, со која му се заколна на Авраам, нашиот татко, дека ќе ни даде:

74 избавување од рацете на неприја­телите наши, без страв да Му служиме

75 во светост и правда пред Него, во сите дни од нашиот живот.

76 А ти, дете, ќе се на­ре­чеш пророк на Севишниот, зашто ќе одиш пред Господовото лице за да Му Го пригот­виш патот Негов;

77 и да му дадеш на народот Негов сознание за спасение, преку прош­те­ва­ње на гревовите нивни,

78 заради големото милосрдие на на­шиот Бог, со која нѐ посети Исток од виси­ни­те,

79 за да им блесне на оние што седат во темнина и во сенка смртна, и да ги упати нозете наши по патот на мирот.“

80 А детето растеше и крепнеше со духот; и беше во пустина до денот кога му се јави на Израил.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Volg ons:



Advertensies