Aanlyn Bybel

- Advertensies -

Јов 1 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Прво искушение на Јов

1 Имаше еден човек во земјата Уц, по име Јов; тој човек беше непоро­чен, праведен, богобојазлив и го одбег­нува­ше злото.

2 И му се родија седум синови и три ќерки.

3 Имотот му беше: седум илјади ситен добиток, три илјади камили, петстотини чифта волови, петстотини магарици и голем број слуги; и тој човек беше најпрочуен меѓу сите луѓе на Исток.

4 Синовите негови се собираа и приредуваа гозби секој во домот свој, на својот ден, а ги покануваа и трите свои сестри да јадат и да пијат со нив.

5 Кога завршуваа дните на гозбите, Јов ги повикуваше, та ги осветуваше. Станувајќи изутрина рано, принесуваше сепаленици за сите нив (и едно теле за гревот на нивните души), зашто Јов си велеше: можеби синовите мои згрешиле и Го навредиле Бога во срцето свое. Така постапуваше Јов во сите такви денови.

6 Еден ден дојдоа синовите Божји да застанат пред Господ; со нив дојде и ѓа­волот.

7 И му рече Господ на ѓаволот: „Од каде дојде?“ А ѓаволот Му одговори на Господ и Му рече: „Одев по земјата и ја обиколив.“

8 И Господ му рече на ѓаволот: „Обр­на ли внимание на мојот слуга Јов? Зашто на земјата нема друг како него: човек непорочен, праведен, богобојаз­лив и кој го одбегнува злото.“

9 Му одговори ѓаволот на Господ и Му рече: „Зар попусто Јов е богобојаз­лив?

10 Не го огради ли Ти него и куќата негова наоколу и сѐ што има тој? Ти ги благослови делата на рацете негови, а стадата негови се шират по земјата;

11 но пружи ја раката Своја и допри се до сѐ што е негово, ќе Те благослови ли тогаш?“

12 И му рече Господ на ѓаволот: „Еве, сѐ што е негово, е во твоја рака; само врз него не посегај!“ – И се оддалечи ѓа­волот од Господ.

13 Еден ден синовите и ќерките на Јов јадеа и пиеја вино во куќата на првородениот свој брат.

14 И ете, дојде известувач кај Јов и му рече: „Воловите ораа и магариците па­сеа покрај нив,

15 кога Савејци ги нападнаа и ги оте­раа, а момоците со остар меч ги погубија; избегав само јас за да ти јавам.“

16 Додека уште говореше, дојде друг и рече: „Оган Божји од небото падна, ги изгоре овците и момоците и ги голтна; и побегнав само јас, за да ти јавам.“

17 Додека тој говореше, дојде трет, па рече: „Халдејци, наредени во три чети, нападнаа на камилите и ги отераа, а мо­моците со остар меч ги погубија; само јас избегав, за да ти јавам.“

18 И додека тој уште говореше, се по­јави друг и рече: „Синовите и ќерките твои јадеа и пиеја вино во куќата на првородениот свој брат;

19 ете, дувна силен ветар откај пусти­на­та и ги зафати четирите агли на ку­ќа­та; куќата се урна врз децата и тие ум­реа; се спасив само јас, за да ти јавам.“

20 Тогаш Јов стана, ја раскина својата горна облека, ја острижа главата своја и падна на земја, па се поклони

21 и рече: „Гол излегов од утробата на мајка ми, гол и ќе се вратам. Господ да­де, Господ зеде. (Како благоволеше Гос­под, така и се случи). Нека е бла­го­с­ло­вено името Господово!“

22 Во сето тоа Јов не згреши и ништо не­разумно не изрече за Бога.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Volg ons:



Advertensies